ВЛАСТА ГО СПРЕЧУВАЛА БИТОЛСКИОТ НИКОЛА ТЕСЛА ПРЕД 94 ГОДИНИ ДА ДОНЕСЕ СТРУЈА ВО ГРАДОТ ОТИ САКАЛА ЌАР ЗА СЕБЕ

    ВЛАСТА ГО СПРЕЧУВАЛА БИТОЛСКИОТ НИКОЛА ТЕСЛА ПРЕД 94 ГОДИНИ ДА ДОНЕСЕ СТРУЈА ВО ГРАДОТ ОТИ САКАЛА ЌАР ЗА СЕБЕИ покрај сите опструкции од власта, Симеон Бундалевски успеал Битола да го електрифицира во 1924, само три-четири години по Скопје (Фото: СДК.МК)

    Симеон Бундалевски ја донел електричната струја во Битола уште пред 94 години. Овој таканаречен битолски Никола Тесла немал ни дозавршено технички факултет, но успеал градот да го електрифицира во 1924, само три-четири години по Скопје. Неговата заслуга е уште поголема зашто може да се каже дека минал низ иглени уши за да ја изгради првата битолска електроцентрала. Породилните маки на битолска Дистрибуција од пред еден век слични се на некои настани од поновата историја. И во тоа време имало корупција, алчност и опструкции.

    „Ако не успеавме да ја ослободиме Македонија, тогаш мислам дека имаме сили барем да ја осветлиме Битола“, му рекол илинденецот Михаило Ракиџиев на Бундалевски

    Новинарот и публицист Кирил Допрушевски во книшката „Првата термоелектроцентрала во Битола“, објавена пред повеќе од 40 години, пишувал дека  Бундалевски бил син на македонски печалбар во Романија кој имал пари да го школува. Но, прво му наметнувал да стане хирург, па трговски работник, за по неуспесите да му дозволи да се запише на она што сака, на Киевскиот политехнички институт. Но, фатила Првата светска војна, па Октомвриската ревoлуција, не го дозавршил факултетот и со семејството се вратил во Македонија.

    „Сонувал за поставување електрично сонце на битолското небо, поради што и се обидел да ја изгради првата електроцентрала. Му помогнал Михаило Ракиџиев, истакнат деец од Илинденската револуција и прв домаќин на Гоце Делчев за време на неговиот престој во Битола. ‘Ако не успеавме да ја ослободиме Македонија, тогаш мислам дека имаме сили барем да ја осветлиме Битола’, му рекол Ракиџиев“, напишал Добрушевски.

    Кога требало да ја добијат концесијата, Началството на Општината го стопирала извршувањето. Според Добрушевски, претседателот на Општината Драгиќ Пауновиќ во 1923 година, за да им ја даде  концесијата ги условил да напишат лажна изјава дека од извесен Тодорос Аруести зеле 500 наполеони чисто злато, па го примаат како ортак, а други пари нема да бараат. За да не им пропаднат дотогаш вложените пари, прифатиле и така добиле ортак кој не дал ни банка, а потпишале и меници прифајќајќи тој да има право на 50 отсто од добивката.

    Во бизнисот како инвеститор влегол и инженерот Славко Бокшан од Белград , застапник на германската фирма „Кабелверк“, инаку биограф на Никола Тесла, како и Отмар Енд, директор на белградската филијала на „Браун Бовери“. Опремата била монтирана во зградата од поранешната трикотажа „Пелистер“. Бил набавен дизел мотор од Грац и струјата потекла на 24 декември 1924.

    „Широк Сокак и просторот околу Саат Кулата беа преполни со народ. Никој не сакаше да си ја скрати можноста да го доживее првиот блесок на ‘електричното сонце’ во градот. Бундалевски од својата канцеларија на Широк Сокак телефонски му наредил на машинистот, Австриецот Франц Тројнко, да ги активира машините  и да ги запали светилките низ битолските улици. Тишината ја распараа извиците на одушевување“, запишал Добрушевски.

    Битолските политички кругови не ги радувал развојот на воведувањето електричната енергија, функционерите биле учени од секој профит да извлечат што повеќе за себеси; – Битола во почетокот на 20 век

    За жал, потрошувачката на електрична енергија во почетокот била сосема мала. Електрично осветлување вовеле само неколку битолски домаќинства. По домовите имало повеќе клавири отколку електрични светилки. Ваквата парадоксална состојба, пишува Добрушевски,  зборувала за присуство на снобизам и традиционализам. Дури во текот на втората година започнало помасовно прифаќање на електричното осветлување.

    Авторот пишува дека и политичките кругови не ги радувал развојот на воведувањето електричната енергија. Функционерите биле учени од секој профит да извлечат што повеќе за себеси. Новиот претседател на Општината Никола Марковиќ  започнал низа спорови против Дистрибуција. Прво ги тужел  зашто концесијата била за хидроцентрала, а потоа барал да се врати зградата  зашто Општината имала намера да ја користи за старата намена. Но, тоа немало логика зашто претходно  била турска болница за душевно болни. Ги изгубил споровите.

    Кога се направиле првите обиди за проширување на електроцентралата, Општината го испратила кметот Коста Мужа физички да го спречи проширувањето. Заедно со општинските полицајци и со пожарникарска кола се обиделе да ги растераат мајсторите. Дури и правниот застапник на Електродистрибуција, зет на поранешниот градоначалник, правел интриги.  Тој без знаење на Бундалевски  потпишал акт  во кој ги признал побарувањата на дел од инвеститорите кои задоцнето барале исплата на опремата со големи камапти. Со ова сакале Електродистрибуција да ја стават во стечај.

    И веднаш по проширувањето во 1929, градската полиција направила попис на целиот имот на компанијата. Се испратило соопштението до граѓаните струјата да ја плаќаат кај извесен инженер. Но, Бундалески ги известил претплатниците дека не постои судско решение за тоа.  Пред надлежните органи  разоткрил некои трансакции и го довел адвокатот и неговите соработници да одговараат пред судските органи за измама.

    Централата  не паднала во рацете на алчните функционери и некои бизнисмени, но во 1941 добила нови господари, ја окупирале бугарските фашистички власти. Трошоците растеле, а и грабежот на имотот. Во 1942, судот направил отуѓување во општествена корист  и имотот бил процентет на 629.188 лева, колку 786 кубни метри букови дрва кои централата ги трошела за 18 дена. По ослободувањето, централата била во општонародна сопственост и работела сѐ до 1952.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира