ВНУКОТ НА ФРАНЦУЗИНКАТА КОЈА ГО СОЗДАДЕ СИРЕЊЕТО КАМАМБЕР ЗАГИНАЛ БЛИЗУ БИТОЛА

    ВНУКОТ НА ФРАНЦУЗИНКАТА КОЈА ГО СОЗДАДЕ СИРЕЊЕТО КАМАМБЕР ЗАГИНАЛ БЛИЗУ БИТОЛАРене Арел, потомок на Французинката Мари Aрел која го создала најпознатото деликатесно француско сирење камамбер, загинал на 26 август 1917, додека ја бранел Битола, а макета од него е поставена во Меморијалниот комплекс посветен на Првата светска војна во склоп на битолските Француски гробишта, отворен вчера (Фото: СДК.МК)

    Макета на војникот Рене Арел, потомок на Французинката Мари Aрел која го создала најпознатото деликатесно француско сирење камамбер, е поставена во Меморијалниот комплекс посветен на Првата светска војна во склоп на Француските гробишта во Битола.  Комплексот беше отворен вчера, по повод 99-годишнината од  Денот на помирувањето во Првата светска војна, во присуство на амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние, негови колеги, конзули и други видни гости.

    Комплексот беше отворен вчера, по повод 99-годишнината од Денот на помирувањето во Првата светска војна, во присуство на амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние (Фото: СДК.МК)

    До макетата на војникот Рене Арел, пишува дека родум бил од приморскиот дел на реката Сена и бил потомок на Мари Aрел, која кон крајот на 18 век го создала камамберот, меко зрело сирење со специфична арома добиено од кравјо млеко, еден од препознатливите симболи на Фрација.

    Познато е дека Мари Aрел во 1791 во село во Нормандија од револуционерите го сокрила свештеникот Шарл-Жана Бонвуа од Бриј, на кого му се заканувала опасност главата да му биде отсечена на гилотина. Тој од благодарност ѝ го открил тајниот рецепт за сирењето. Таа била вешта млекарка и со својата внука ги поставиле темелите на моќната семејна мануфактура благодарение на која селцето Камамбер станало бренд на престижната француска гастрономска мапа. Се раскажува дека внуката на Мари Aрел му го понудила сирењето  на францускиот цар Наполен Трети, по што веднаш било сврстено во дворското мени. Сепак, сирењето добило меѓународна слава откако за време на Првата светска војна било задолжителен дел од војничката порција на војниците кои се бореле од страната на Антантата.

    Фотографии од браќата Манаки снимени во Првата светска војна се дел од поставката во Комплексот (Фото: СДК.МК)

    Најверојатно, една од причините поради кои производителите на ова сирење прифатиле да се дели меѓу војниците, била тоа што член од нивното семејство учествувал во војната.  До макетата на војникот Рене Aрел уште пишува дека бил убиен за време на тешката артилериска ноќ на 25 спроти 26 август 1917, додека ја бранел  Битола. За неговата храброст посмртно бил награден со Воен крст и Бронзена ѕвезда.

    Во Меморијалниот комплекс во Битола поставени се и макети на други француски војници кои загинале на Македонскиот фронт близу Битола.  На голема подлога изложена е и макета на фронтот со позициите од декември, 1916. Таа е изработена во соработка со експерти од Меморијалниот центар од Каен, Франција и професори по географија од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Мапата е работена рачно два месеца, содржи македонски топоними кои се користеле во тоа време.

    Во Меморијалниот комплекс во Битола поставени се и макети на други француски војници кои загинале на Македонскиот фронт близу Битола (Фото: СДК.МК)

    Меморијалниот комплекс во Битола е направен по иницијатива на Амбасадата на Франција во соработка со други институции.  Во него има и и фотографии изработени од браќата Манаки за време на Првата светска војна во Битолско. Целта е Комплексот да биде посветен  на војниците кои се бореле во овој крај, но и на  страдањето на цивилното македонско население за време на војната.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира