100 ЛИЦА ГОДИШНО БАРААТ ПОМОШ ЗА ОТКАЖУВАЊЕ ОД ЦИГАРИ ВО ДЕСЕТТЕ СОВЕТУВАЛИШТА

    100 ЛИЦА ГОДИШНО БАРААТ ПОМОШ ЗА ОТКАЖУВАЊЕ ОД ЦИГАРИ ВО ДЕСЕТТЕ СОВЕТУВАЛИШТА„Според податоците кои ги имаме од Скопје како поголема територија, годишно едно до две лица се откажуваат од тутунот, но за колкав период се откажуваат немаме податоци“, вели д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје;-Д-р Ќосевска и министерот за здравство Венко Филипче на промоција на кампањата за елеминација на тутунот

    Околу 100 лица годишно добиват помош во десетте советувалишта за откажување од пушењето низ земјава, што Министерството за здравство во соработка за центрите за јавно здравје ги отвори во 2014. Д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје вели дека ова е просечна бројка, и дека според податоците со кои располагаат од советувалиштата во Скопје, едно до две лица годишно се откажува од употреба на тутунот.

    „Според податоците кои ги имаме од Скопје како поголема територија, годишно едно до две лица се откажуваат од тутунот, но за колкав период се откажуваат немаме податоци. За другите центри немаме такви податоци. Третманот што им се дава на луѓето е долготраен и се однесува на оние кои не се многу зависни, а тоа се докажува со одредени тестови, но не се сите опфатени со овие советувалишта. Прво се тестира, па се одредува степенот на зависност, па се работи со оние кои покажале помала зависност и со кои може во рок од година дена да се работи со нив, за по една година да станат непушачи“, вели д-р Ќосевска.

    Според последното истражување на Институтот за јавно здравје, 46 отсто од населението на возраст од 15 до 64 години пушат цигари, а од овој број 54,1 отсто се мажи.

    Министерството за здравство заедно со канцеларијата на Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје, со кампања за елиминирање на употребата на тутунот се вклучува во одбележување на Светскиот ден без тутун – 31 Мај.

    Во Македонија во 2016 од болести на циркулаторниот систем починале 10.920 лица, со стапка на смртност од 526 на 100.000 жители. Според податоците од Институтот за јавно здравје, болестите на кардиоваскуларниот систем учествуваат со 53, 5 проценти во вкупниот морталитет и се причина број еден за смртност во земјава.

    „Целта на оваа оваа кампања е зголемување на свеста за влијанието на тутунот и изложеноста на чад од пасивното пушење што го има врз здравјето на луѓето. Податоците поокажуваат дека кардиоваскуларните болести се главна причина за смрт во светски рамки, а употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за 12 отсто од смртните случаи кај срцевите заболувања. Елиминирање на употребата на тутун може да заштити милиони луѓе да умрат од срцев или мозочен удар“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Во Македонија од 2008 на сила е Законот за заштита од пушењето, со кој пушењето е целосно забрането во сите јавни институции и на затворено во угостителските и хотелските објекти.

    Д-р Ќосевска кажа дека се забележува тренд на намалување на бројот на пушачи кај децата на возраст од 15 до 16 години, односно ако во 1999 година 56,5 отсто од учениците кажале дека пушат, во 2015 овој процент е намален на 38,4 отсто. Според неа, кај децата веќе има свест дека треба да се избегнува тутунот, особено пасивното пушење и дека треба да се продолжи со кампањи за менување на свеста кај возрасните пушачи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира