116 ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА ПО ВТОРПАТ СЕ ЗАРАЗИЛЕ СО КОВИД-19, ОД НИВ ДВАЈЦА ПОЧИНАЛЕ

    116 ЛИЦА ВО МАКЕДОНИЈА ПО ВТОРПАТ СЕ ЗАРАЗИЛЕ СО КОВИД-19, ОД НИВ ДВАЈЦА ПОЧИНАЛЕСлучаите на реинфекција биле на возраст од 6 до 77 години, а најголем број од нив, 93 случаи, имале над 30 години - редици пред „8 Септември“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од појавата на првиот случај на ковид-19 во Македонија пред една година досега, 116 лица по вторпат се заразиле со вирусот. Ова го покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за реинфекција со коронавирусот.

    Д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и превенција на заразни болести во Институтот за јавно здравје, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека меѓу случаите на реинфекција има заболени на различна возраст и тоа од 6 до 77 години, а најголем број од нив, 93 случаи, биле над 30 години.

    „За формата на болеста, дали се со потешка или полесна клиничка слика, не може да се дадат прецизни податоци, бидејќи податоците со кои располагаме врз база на направените анкети не се релевантни за целото времетраење на болеста. За девет лица имаме податок дека биле хоспитализирани, а за 44 дека биле на домашно лекување. Од вкупниот број 116 реинфекции, починале две лица на возраст од 63 и 77 години“, вели д-р Кузмановска.

    Во земјава досега се регистрирани 112.930 случаи на ковид-19. Тоа значи дека 0,1% од заразените по вторпат биле инфицирани со вирусот.

    Според анализата на Институтот за имунобиологија, секој трет граѓанин во земјава има антитела на ковид-19. Испитувањето спроведено врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје изминатите две недели, покажало дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал ковид-19. Во анализата биле земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека биле позитивни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира