14-ДНЕВНА САМОИЗОЛАЦИЈА ЗА ПАТНИЦИТЕ ОД ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПО ПОЈАВАТА НА МУТАЦИЈА НА КОВИД-19

    14-ДНЕВНА САМОИЗОЛАЦИЈА ЗА ПАТНИЦИТЕ ОД ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПО ПОЈАВАТА НА МУТАЦИЈА НА КОВИД-19„Визер“ има два пати неделно летови од Лондон до Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за заразни болести предлага 14-дневна самоизолација за патниците од Велика Британија, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, по утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести. Изминативе денови, повеќе европски држави ги забранија или планираат да ги забранат сите патувања од и кон Велика Британија откако таму се појави нов сој на коронавирусот, за кој експертите велат дека се шири многу побрзо.

    „Визер“ има два пати неделно летови од Лондон (Лутон) до Скопје (во вторник и четврток) и три пати неделно до Приштина. Соседна Бугарија веќе ги забрани летовите од Лондон до Софија.

    „Предлог мерката ќе биде предложена на Координативниот штаб, а ја донесовме превентивно по информациите дека нова мутација на ковид-19, се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна. Засега, Комисијата не ја разгледува опцијата за предложување на дополнителна мерка, како задолжителен ПЦР-тест за влез во нашата земја, односно рестриктивна мерка за влез или излез од земјава“, вели Филипче.

    Холандија прва реагираше и ги забрани сите летови од островот, а потоа со иста мерка ја следеа Белгија и Италија. Белгија кажа дека на најмалку 24 часа ќе ги запре и возовите кои доаѓаат од Британија.

    Ирска најави дека ќе ги ограничи летовите и траектите од Велика Британија, а Франција кажа дека на 48 часа ќе ги суспендира летовите и товарниот превоз. И Германија ги забранува летовите од денес , додавајќи дека многу сериозно ги зема предвид извештаите од Британија.

    На забраната се придружија и Австрија, Хрватска, Швајцарија, Шведска, Чешка и трите балтички земји.

    Надвор од ЕУ, Канада соопшти дека привремено, 72 часа ќе ги забрани патничките летови од Велика Британија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира