24-ГОДИШНИОТ РЕСЕНЧАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ОД КОВИД-19 ИЗЛЕГОЛ ОД БОЛНИЦА НА СВОЈА ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    24-ГОДИШНИОТ РЕСЕНЧАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ОД КОВИД-19 ИЗЛЕГОЛ ОД БОЛНИЦА НА СВОЈА ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОПо потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан од Битолската болница со препишана терапија која требало да ја прима во модуларната болница во Ресен. (Фото: СДК.МК)

    24-годишното момче од Ресен  кое почина од ковид-19, си заминало од болница на своја одговорност иако не било во добра состојба, велат од Министерството за здравство. Тој не бил вакциниран и во системот не се заведени коморбидитети за него.

    Според информации на САКАМДАКАЖАМ.МК од Ресен, момчето на 15 август правело свадба во хотел. Вчера наполнил 24 години. Починал утрово во 8 часот.

    Од Министерството велат дека според податоците во системот од Клиничка болница во Битола, пациентот на 24 август е примен во Инфективното одделение на Битолската болница Клиничка болница Битола како суспектен на ковид-19. Имал ниска сатурација и отежнато дишење, биле направени сите потребни лекарски проверки.

    „Тој имал масивна бронхопневмонија, ниска сатурација, веднаш на пациентот му била дадена терапија и бил ставен на кислородна поддршка. Откако ја примил терапијата, пациентот одбива да остане на болничко лекување, иако запознаен со сериозноста на состојбата и потребата од доиследување, пациентот бара да биде пуштен на домашно лекување. По потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан со препишана терапија која треба да ја прима во модуларната болница во Ресен“, велат од Министерството за здравство.

    Следниот ден, на 25 август,  тој  е донесен од Општата болница во Охрид за хоспитализација во Клиничката болница во Битола.

    „Веднаш е хоспитализиран во тешка општа состојба со ниска сатурација, поставен на двојна кислородна поддршка, интензивна терапија, но и покрај тоа постојано му се влошува состојбата и паѓа сатурацијата. На 27 август утрото, и покрај обидите на лекарите да го спасат, пациентот починал“, велат од Министерството  за здравство.

    24-годишниот ресенчанец е меѓу  36-те починати од ковид-19 последниве 24 часа, а од  6.654 тестирања регистрирани се 1.037 нови позитивни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира