28 КРИВИЧНИ ДЕЛА СЕ СТОРЕНИ ВО ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ

    28 КРИВИЧНИ ДЕЛА СЕ СТОРЕНИ ВО ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТМожните сторители на организираниот напад на Собранието на 27 април се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници, нивни претпоставени (Фото: СДК.МК)

    Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија подготви посебен извештај за организираниот напад и дивеењето и бруталното насилство во Собранието на Република Македонија на 27 април, со кој сака прецизно да ја информира јавноста за сите сторени кривични дела, меѓу кои и обиди за убиство. Извештајот се осврнува и на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници, нивни претпоставени.

    Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а беа насочени против: 1) животот и телото, 2) слободите и правата на граѓаните, 3) имотот, 4) сигурноста, 5) државата, 6) службената должност, 7) правосудството и 8) јавниот ред, вели извештајот.

    Истовремено, Хелсиншкиот комитет со извештајот од МВР и од Основното јавно обвинителство побара да биде поведена предистражна постапка за утврдување кривична одговорност за кривичните дела опфатени во извештајот.

    Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видеоматеријали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомнежи, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.

    „Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид да бидат сторени и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање“, се вели во извештајот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира