3,9 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ЗАШТЕДАТ СО КРАТЕЊЕТО НА ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ

    3,9 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ЗАШТЕДАТ СО КРАТЕЊЕТО НА ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕМинимална плата од 14.500 денари во април и мај ќе земат 1.165 функционери и 895 директори. (Фото: Влада)

    Владата ја донесе Уредбата со која министри, пратеници, судии, обвинители, директори и сите други избрани и именувани лица одат на минимална плата од 14.500 денари во април и мај.

    Со оваа одлука ќе бидат опфатени 1.165 функционери и 895 директори, а вкупната заштеда за два месеци ќе биде 240 милиони денари или 3,9 милиони евра.

    „Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат на избраните и именуваните лица во јавниот сектор, и тоа на пратениците, Претседателот, функционерите кои ги именува Претседателот, претседателот на Собранието, функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието, премиерот, министрите, градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата. Со одредбите од оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите, односно лицата кои раководат со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица“, велат од Владата.

    Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.  Кратењето на платите на функционерите е дел од владините економски мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. За вработените во администрацијата нема да има намалување на платите.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари