4 ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСОТ КОЈ СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛЕСКОВАЦ СЕ ВО ЖИВОТНА ОПАСНОСТ, ЖРТВИТЕ СЕ ОД КОЧАНИ И КРУШЕВСКО

    4 ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСОТ КОЈ СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛЕСКОВАЦ СЕ ВО ЖИВОТНА ОПАСНОСТ, ЖРТВИТЕ СЕ ОД КОЧАНИ И КРУШЕВСКООд МНР велат дека идентификувана е само една жртва, маж на возраст од 68 години, загинати се и две жени, но тие уште не се идентификувани.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Четири патници се наоѓаат во животна опасност, а две од трите жртви се идентификувани, по тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи во 1.40 часот, кога пред влезот на Лесковац, Србија се преврте македонски автобус на струшкиот превозник „Евробус“. Од Министерството за надворешни работи (МНР) соопштија дека четворицата повредени патници со тешки телесни повреди кои се во животна опасност се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш. Од МНР повторуваат дека три лица загинаа, а 32 се повредени.

    „До моментов  идентификувани се маж и жена на возраст од 68 години. Мажот е од село Бучин, Крушевско, а жената од Кочани. Третата жртва се’ уште не е идентификувана. Надлежните служби работат на идентификација и на повредените, во тек е постапката. Има вкупно 32 повредени лица, од кои 28 се вон животна опасност и истите се згрижени во Општата болница во Лесковац, од кои 4 се на хирургија и еден на ортопедија“, велат од Министерството за надворешни работи.

    Од МНР велат дека на двете лица им бил утврден идентитетот од личните документи. Кај третата жртва не се пронајдени документи и за сега немаме потврда за нејзиниот идентитет.

    Од таму велат дека на повредените патници кои ќе бидат пуштени од болница, ќе им биде обезбедено сместување, ако имаат потреба за преноќување.

    На местото на несреќата утрово се упатија министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и претставник на македонската амбасада во Белград.

    Автобусот кој доцна синоќа се преврте е на компанијата „Еуробус“ од Струга, а на линија за Виена вчера тргнал од Битола во 19 часот, а поминал во Прилеп во 9.30 часот. Како што потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од битолската и прилепската автобуска станица, релацијата е Битола-Прилеп-Велес-Скопје-Табановце-Виена, од Битола се купени 4 билети, 2 повратни и 2 во еден правец, а од Прилеп има 11-мина патници. Едниот возач е од Битола, а другиот од Прилеп и тие не се повредени.

    Сопственикот на „Еуробус“ Џитан Истрефи за државната агенција МИА изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.

    „Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе сè што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки“, изјави Истрефи за МИА.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира