Министерот за здравство Венко Филипче рече дека утрово имале состанок на новата координативна група која е формирана по препорака на Владата, во која членуваат експерти од Комисијата за заразни болести и дека на попладневниот состанок ќе одлучат дали групите на патници кои доаѓаат од Италија, заклучно со денешниот лет од Венеција (16:20 часот) и во наредните денови, ќе бидат под целосен надзор ако има медицинска оправданост.
„Патниците кои пристигнуваат на двата аеродрома не се оставени без контрола. Опремата и прашалниците се доставени. Утрово ја разговаравме таа мерка за ставање под целосен надзор на групите кога доаѓаат во деновите пред нас. Секоја наша донесена мерка прво треба соодветно да биде поткрепена. Ние мора да имаме медицинска оправданост за нешто да препорачаме“, изјави Филипче.
Филипче додаде дека утрово се пријавиле тројца пациенти со симптоми на грип, кај двајца тестот за коронавирус е негативен, а за третиот пациент набрзо ќе бидат познати резултатите.
На новинарско прашање дали ќе препорачаат да се одложат јавни настани како престојниот Струмички карневал или собирањето за Прочка во Прилеп, министерот одговори: „Будно ја следиме ситуацијата, засега нема потреба. Но, може да се случи, да имаме прв заболен. Се појави во Хрватска, Грција, чекам информации за Косово. Кога ќе се појави, тогаш ќе одлучуваме“.
Министерот кажа дека институциите распологаат со доволно опрема, со доволно тестови, а во однос на маските, рече дека не е начин за граѓаните да се заштитат.
„Со оглед на тоа дека оваа инфекција се пренесува и преку раце, заради тоа што вирусот одреден период останува на површините, маската не е начин за граѓаните да се заштитат. Напротив, голем е ризикот за инфекција заради манипуалција на маската со раце. Недостатокот на маски е насекаде во регионот, ние имаме доволна количнина за здравствените работници“.
Владата им наложи на сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Владата им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Б. НЕСТОРОСКА