АКО НЕКОЈ ИМА ВИШОК ПАРИ, БУЈРУМ, НЕКА ОДИ ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА ДА СЕ ЛЕКУВА, РЕЧЕ ЗАЕВ

    АКО НЕКОЈ ИМА ВИШОК ПАРИ, БУЈРУМ, НЕКА ОДИ ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА ДА СЕ ЛЕКУВА, РЕЧЕ ЗАЕВ„Сите треба да сме солидарни“, вели Заев. Семејството на премиерот во неделата донираше амбулатно возило на Струмичката болница. (Фото: СДК.МК)

    Не можам да прифатам дека 12 илјади евра е лечење со трансплантација на крвта во некоја здравствена институција, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното ТВ-интервју за ТВ 21 коментирајќи ги цените за лекување ковид-19 во приватните болници во Скопје.

    „И што ако имаше вонредна состојба па да одиме со време на национализација во овој период? Не ми е својствено дека трошоците се 12 илјади евра. Тоа го слушам, не сум го проверил, но во вонредна состојба, здравствениот систем мора да биде еднаков за сите, за да нема вакви дисонантни појави“, рече Заев, одговарајќи на коментарот на водителот дека со коронакризата, испливаа на површина социјалните разлики и дека граѓаните потешко стигаат до квалитетна здравствена услуга.

    Премиерот кажа дека сѐ што има во приватните клиники, има и во јавниот здравствен систем.

    „Ако некој има вишок пари, бујрум нека оди, тоа се лиценцирани компании, здравствени установи кои работат нормално за профит. Ние како држава не работиме за профит. Трансплантација на крв има на Инфективна клиника, ремдесивир има на Инфективна и се дава по шаблон според упатствата од Светската здравствена организација. Здравствените работници прават сѐ што можат. Јас разбирам дека граѓаните се и веќе нервозни“, рече Заев, коментирајќи ги апелите и коментарите на социјалните мрежи.

    Министерот за здравство Венко Филипче, на 10 ноември, на новинарско прашање зошто во државните болници кај заболените од ковид-19 не се користи третман за прочистување на крвта, како во приватните клиники одговори: „Нема медицински доказ дека тој треман помага за оваа болест“.

    Според податоците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) еден ден болничко лекување на пациент со ковид-19 чини 200 евра, додека болен приклучен на респиратор над 4 дена ја чини државата 5.700 евра. Ова се податоци кои дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) врз основа на првичните анализи кои ги направиле за лекување на пациентите од почетокот на пандемијата до сега.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира