АМДИ БАЈРАМ ИМАЛ КОРОНАВИРУС, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО АПЕЛИРА СЕМЕЈСТВОТО ДА ГИ ИЗБЕГНЕ ПОГРЕБНИТЕ РИТУАЛИ И ДА СОРАБОТУВА СО ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ

    АМДИ БАЈРАМ ИМАЛ КОРОНАВИРУС, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО АПЕЛИРА СЕМЕЈСТВОТО ДА ГИ ИЗБЕГНЕ ПОГРЕБНИТЕ РИТУАЛИ И ДА СОРАБОТУВА СО ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕОд Министерството потврдуваат дека Бајрам бил донесен во приватна болница веќе починат, притоа му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот пратеник Амди Бајрам, кој почина денес на 64 години, имал позитивен тест на ковид-19 кој е утврден посмртно, и затоа Центарот за јавно здравје – Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на понатамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот, соопшти вечерва Министерството за здравство.

    Оттаму апелираат до семејството, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработува со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од понатамошно ширење на инфекцијата од ковид-19.

    „Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена“, вели Министерството.

    Од Министерството потврдуваат дека Бајрам бил донесен во приватна болница веќе починат, при што му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот ковид-19.

    Лидерот на Сојузот на Ромите Бајрам, страдал од проблеми со срцето и дијабетес, поради што лани му беше ампутирана едната нога.

    На 17 октомври во Истанбул тој правеше свадба за внука си со над 200 гости од Македонија. За македонски државјани влезот во Турција е дозволен без ПЦР ковид тест.

    Во матичната општина на Бајрам Шуто Оризари во моментов има 25 активни случаи на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира