Антикорупциската комисија го извести Собранието дека предлогот премиерот Зоран Заев да биде истовремено и министер за финансии е спротивен на Законот за спречување корупција и судир на интереси, бидејќи, согласно Законот, двете функции се неспоиви. Оттаму велат дека ако помине предлогот во Собранието, тие ќе бидат принудени да преземат конкретни мерки, согласно нивните законски надлежности.
„Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите. Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга“, стои во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, повикувајќи се на истите членови од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, побара од дневниот ред на денешната седница да биде тргната точката за избор на нови министри, но неговиот предлог не беше прифатен.