Армијата од вечерва до 11 април ќе биде вклучена во справување со кризната состојба во Дебар и Центар Жута. Претседателот Стево Пендаровски даде наредба припадници на Армијата да се вклучат во помош на локалната самоуправа на Дебар и Центар Жупа и на полицијата во спречување на ширењето на коронавирусот.
„Единиците на Армијата ќе ги координираат своите активности и ќе соработуваат со локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа, полицијата, Центарот за управување со кризи и останатите институции на државата вклучени во справувањето со кризната состојба“, информираа вечерва од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот Пендаровски денеска на прес-конференција најави дека в понеделник ќе се одржи состанок на Советот на безбедност, на кој покрај стандардниот состав ќе присуствува и министерот за здравство Венко Филипче и началникот на Генералштабот на Армијата, со цел да се разгледаат понатамошните мерки кои би се презеле заради состојбата со коронавирусот. Пендаровски смета дека сега за сега нема потреба да се воведе вонредна состојба во земјата.
А. АНТЕВСКА