БАРАЊЕТО ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ГРУЕВСКИ Е СПРЕМНО, СЕ ЧЕКА ПРЕВОД НА УНГАРСКИ НА ДОКУМЕНТИТЕ ОД СУДОТ

    БАРАЊЕТО ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ГРУЕВСКИ Е СПРЕМНО, СЕ ЧЕКА ПРЕВОД НА УНГАРСКИ НА ДОКУМЕНТИТЕ ОД СУДОТУнгарскиот премиер Виктор Орбан на 28 септември 2017 дојде во Охрид на средба со тогашниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поддршка пред локалните избори (Фото: СДК.МК)

    Министерството за правда го спрема барањето за екстрадиција на осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија каде бара политички азил. Од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија кога ќе ги добијат комплетирани и преведени на унгарски јазик документите од Судот, Министерството за правда ќе прати барање до Унгарија за екстрадикција на Груевски.

    „Од Министерството за внатрешни работи е добиена потребната информација дека е лоциран Никола Груевски. Испративме допис  до Основниот суд Скопје 1, Скопје да ги достави сите потребни документи за комплетирање на барањето. Во Судот се преведува на унгарски целокупната документација за предметот. Ние го спремаме барањето, и штом ќе стасаат докуметите од Судот, ќе го пратиме барањето за екстрадиција на Никола Груевски до Унгарија“, изјавија од Mинистерството за правда.

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера потврди дека Груевски поднел барање за азил во Унгарија, а од безбедносни причини не завршил во транзитен центар, согласно унгарскиот закон, туку во Будимпешта.

    „Никола Груевски поднесе барање за азил до надлежните унгарски власти. Поранешниот македонски премиер ја соопшти својата намера да поднесе барање за бегалски статус во Унгарија. Со оглед дека тој беше повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможија на Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“, изјавија од кабинетот Орбан.

    Полицијата на 9 ноември не можеше да го лоцира Груевски за да го спроведе во затворот во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Претходно, судски доставувач четири дена не можеше да го најде да му го врачи решението веднаш да се упати во затвор.

    На фејсбук страната на која Груевски и порано се има јавувано со лични статуси, по бегството на 13 номеври напиша: „Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира