Советникот на ексминистерот за здравство Никола Тодоров, Јован Грпоски, е во тимот што го ревидира проектот и договорот од 72 милиони евра за изградба на Клиничкиот центар, кој токму Тодоров го потпиша три дена откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на Зоран Заев за да состави Влада.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека во тек е анализата на проектот и договорот за изградба на Клиничкиот центар, и дека во тимот што го ревидира случајот има дел од луѓето на поранешниот министер за здравство.
„Прво, да појаснам дека не станува збор за изградба на Клинички центар, туку за изградба на само една зграда во која треба да се сместат Интерните клиники. Таа потоа треба преку топли ходници да се поврзе со Хирургија, Гинекологија, Онкологија, Педијатрија и Инфективна. За овој проект земен е кредит од 93 милиони евра од Централната европска банка. Во моментов со Владата правиме анализа на проектот, а во тимот што ја работи анализата се вклучени и луѓе од тимот на поранешниот министер, односно советникот од кабинетот на Тодоров, Јован е вклучен во тимот. Ова го правиме за да најдеме решение да не потрошиме 93 милиони евра, а да не го раскинеме договорот, за да не плаќаме пенали. Но, и да не го земеме целиот кредит, туку помала сума. Сè уште нема конечно решение, но работиме да се најде најдобриот начин, за да не се случи да потрошиме 93 милиони евра, а за пет до десет години пак да немаме клинички центар“, вели Таравари.
Според него, Клиничкиот центар треба да се гради надвор од централното градско подрачје, односно на периферијата на градот, на локација која ќе биде достапна како за скопјани, така и за луѓето од другите градови.
Јован Грповски во време на ексминистерот Тодоров во Министерство за здравство беше вработен како државен советник, а хонорарно беше ангажиран и во Проектната единица за реконструкција на јавните здравствении установи во Република Македонија.
Кусо време тој беше и в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување, додека поранешната директорка Маја Парнарџиева Змејкова беше на породилно отсуство.