БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРЕГОВОРИ НА ЕУ СО МАКЕДОНИЈА, ВЛАДАТА НА БОРИСОВ ПОДДРШКАТА ЈА УСЛОВИ СО НЕСПОМНУВАЊЕ „МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК“ И „БУГАРСКИ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР“

    БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРЕГОВОРИ НА ЕУ СО МАКЕДОНИЈА, ВЛАДАТА НА БОРИСОВ ПОДДРШКАТА ЈА УСЛОВИ СО НЕСПОМНУВАЊЕ „МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК“ И „БУГАРСКИ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР“Вчера, бугарската влада усогласи декларација во која се наведуваат серија услови и закани за блокада на Македонија на патот кон ЕУ, меѓу нив и дека не смее да се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“; - Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов по потпишувањето на Договорот за добрососедство во август 2017. (Фото: СДК.МК)

    Бугарското Народно собрание ја усвои декларацијата со која на Македонија и Албанија им се одобрува да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија. Од 134-те пратеници, 129 гласале „за“, четворица биле против, а еден бил воздржан.

    „Бугарија поддржува иницирање претпристапни преговори на Република Северна Македонија и Албанија со Европската Унија. Ова не треба да се сфати како гаранција за членството во ЕУ, туку како поттик за забрзување на реформите, зајакнување на владеењето на правото и за одржување на добрососедските односи. Поддршката за европска интеграција не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја“, соопшти Собранието.

    Тоа притоа ги изнесе условите што ѝ се поставуваат на Македонија.

    • Ефикасно и неодложно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
    • Строго придржување до членот 8 од Договорот дека „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“.
    • Воздржување од дејствата со кои што се поддржуваат и поттикнуваат тврдењата за признавање на таканареченото македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи и во меѓународни организации.
    • Рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест.
    • Строго придржување до клаузулата во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија, утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји.
    • Целосно спроведување на договорите што ги постигна заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи и нивно вклучување во образовни планови и материјали.
    • Запирање на говор на омраза кон Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, вклучувајќи медиуми, натписи на споменици и слично.
    • Реставрација и одржување на бугарски воени гробишта и споменици на територијата на Република Северна Македонија.

    Вчера, бугарската влада усогласи декларација во која се наведуваат серија услови и закани за блокада на Македонија на патот кон ЕУ, меѓу нив и дека не смее да се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“. Како што објави Дојче веле, во рамката која содржи повеќе од 20 услови кои Северна Македонија ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ, кои задираат во историјата и идентитетот на државата и граѓаните.

    Најпрво, Бугарија се заканува дека „нема да дозволи интеграцијата на Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа”, а истиот пасус финишира со оценката дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.”

    Бугарската влада нотира дека „добрососедските односи имаат хоризонтално значење и следствено треба да се оценуваат во секоја етапа од процесот на пристапување на земјите кандидати“. Оттука на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 15 октомври ќе се бара целосното исполнување на Договорот за добрососедство да биде наведено како уште еден услов во преговорите.

    Бугарија сега најавува дека ќе ја блокира и првата меѓувладина конференција, со која формално започнуваат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, ако до нејзиното одржување не биде забележан „реален напредок во исполнувањето на духот и словото на Договорот за добрососедство“.

    Под „реален напредок“, Бугарија подразбира откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија; почеток на процес на рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“; нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна Северна Македонија; и системско отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи.

    Следната серија услови се однесува на работата на мешовитата историска комисија. Таа ќе треба да се усогласи за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година”, а меѓу нив се набројуваат „Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание“. Откако Комисијата ќе ги усогласи тие ставови, истите ќе треба да се пресликаат на информативни табли и други ознаки на историски и културни споменици. Ќе треба да се договорат и конкретни датуми за одбележување на заеднички настани и личности, но притоа, „политичките претставници, претставниците на државните институции во Северна Македонија, како и медиумите финансирани од државниот буџет“ ќе мораат „да ги засноваат своите изјави и коментари на текстовите кои ќе ги договори Комисијата.”

    Третата група услови се однесува на самиот тек на преговорите со ЕУ. Тука, Софија предлага освен Поглавјата 23 и 24 кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат отворени до крајот на процесот, да остане отворено и Поглавјето 35 (Други прашања), во кое одново се наметнува обврската да се следи почитувањето на Договорот за добрососедство. Клучното барање во овој дел е никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Доколку, како што се наведува, „постои апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Ова барање финишира со заклучокот дека „треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.”

    „Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на ткн. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот“, заклучува бугарската влада.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира