ЧЕШКА Е ВОЗНЕМИРЕНА ОТИ ФРАНЦИЈА ЗА ПРЕДЛОГОТ СЕ КОНСУЛТИРАЛА САМО СО БУГАРИЈА, А НЕ И СО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЕУ, ВЕЛИ ЧЕШКИОТ ИНСТИТУТ ЕУРОПЕУМ

    ЧЕШКА Е ВОЗНЕМИРЕНА ОТИ ФРАНЦИЈА ЗА ПРЕДЛОГОТ СЕ КОНСУЛТИРАЛА САМО СО БУГАРИЈА, А НЕ И СО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ ОД ЕУ, ВЕЛИ ЧЕШКИОТ ИНСТИТУТ ЕУРОПЕУМТреба да осигураме да не се постави преседан за да другите земји-членки на ЕУ во иднина направат исто такво нешто како Бугарија, велат од Еуропеум; - Од протестите против францускиот предлог. (Фото: К. Попов)

    Чешка е многу вонземирена од Франција и Бугарија, зашто за францускиот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ не биле консултирани другите земји-членки. Франција се консултирала само со Бугарија, а другите земји не знаеле сè додека предлогот не им бил претставен, рече Јана Јузова, истражувач во чешкиот институт Еуропеум, повикувајќи се на разговори со Министерството за надворешни работи на Чешка, на денешниот форум на скопскиот Институт за европска политика (ЕПИ).

    Од 1 јули Чешка претседава со Европскиот совет, а претседателството го презеде од Франција.

    „Чешка и поголемиот дел земји-членки на ЕУ ги сфаќаат сериозните проблеми што постојат со овој проблем и зошто тој е неприфатлив и зошто, всушност, е многу штетен за да го прифати Македонија. Никој не ја следи состојбата во Македонија со спокојство. Загрижена сум каква ситуација ние како ЕУ креираме со овој предлог. Чешкиот став кон ова би бил да направи што помала можна штета за да ги надмине негативните ефекти, и да осигура дека ова нема да стане преседан. Зашто, каков било компромис и да се постигне нема да биде добар, нема да биде нешто со кое Македонија ќе биде задоволна и може само да шпекулираме за последиците што ќе ги има на крајот. Но, треба да осигураме да не се постави преседан за да другите земји-членки на ЕУ во иднина направат исто такво нешто како Бугарија кон кандидати“, рече Јузова од невладината огранизација чиј фокус е европската интеграција и кохезија, а на која еден од најголемите донатори ѝ е Министерството за надворешни работи на Чешка.

    Таа кажа и дека раздвојувањето на почетокот за пристапни преговори на Албанија и Македонија сега не е на маса, оти чешката позиција е дека раздвојувањето би било само легитимизирање на бугарското вето.

    „Чешкото претседателство смета дека раздвојувањето само ќе му даде легитимитет на бугарското вето. Не се согласуваме со аргументите на некои други земји кои сметаат дека натамошната блокада на Албанија ќе го дестабилизира регионот, напротив сметаме дека ќе го зголеми притисокот врз Бугарија и ќе ја зголеми солидарноста меѓу земјите во регионот. Тоа ќе придонесе да се зголеми притисокот врз Бугарија не само од страна на ЕУ, туку и од Западниот Балкан“, рече Јузова на форумот „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои?“ во Скопје.

    Најрано идниот викенд, во недела, а можеби ни тогаш, ќе се закаже собраниска седница за расправа по Информацијата од Владата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од Франција на 30 јуни.

    Од понеделник почнува петдневна расправа за ребаланс на Буџетот, кога треба да заврши до петок на полноќ. Во принцип, дотогаш не може да се уфрлуваат други собраниски седници, но претседателот на Собранието Џафери оставирезерва да ја прекине седницата за буџетот, ако има потреба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира