Вакцините „Синофарм“ ќе стигнат во земјава по завршување на кинеската Нова година, кажа премиерот Зоран Заев. Денеска Владата ќе се изврши плаќање на 200.000 дози од кинеската вакцината и по 18 февруари кога завршува кинеската Нова година ќе биде договорен транспортот во земјава.
„До крајот на месецов вакцината ќе стигне во земјава. За вакцините од „Фајзер“ кои требаше да ги добиеме од пријателска Србија, најпрво проблем се појави бидејќи производителот не дозволуваше да се препродаваат. Потоа договоривме да ни ја дадат како донација, вредноста е некаде околу 60.000 евра, ние после ќе се раздолжевме некако, но и тоа не беше дозволено. Работиме да се реши овој проблем, вратиме кај производителот сите, јас, премиерката Ана Брнабиќ и претседателот Александар Вучиќ. Во прашање се денови или часови за да ја добиеме дозволата“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Вакцините од Србија беше најавено дека ќе стигнат во земјава во четвртокот, дури беше најавен и настан на граничниот премин Табановце, каде претседателот на Србија Александар Вучиќ требаше да го додели на премиерот Зоран Заев. Но, во последен момент примопредавањето беше откажано.
З. АНДОНОВ