ДЕМОКРАТИЈАТА ПОДРАЗБИРА ПОДНЕСУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ, ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРЕМИЕР И ЛИДЕР НА СДСМ ПОРАДИ ПОРАЗОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ДЕМОКРАТИЈАТА ПОДРАЗБИРА ПОДНЕСУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ, ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРЕМИЕР И ЛИДЕР НА СДСМ ПОРАДИ ПОРАЗОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 40 општини,  СДСМ ќе има 18 градоначалници, а ДУИ 13. Од пресот на Заев (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Зоран Заев поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ по денешниот втор круг од локалните избори, во кој ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје, Битола, Охрид и повеќето од 44 општини каде се гласаше. Заев кажа дека и натаму смета оти не треба да има вонредни парламентарни избори.

    Во Скопје, независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска го победи актуелниот градоначалник Петре Шилегов со безмалку 30.000 гласови разлика, а во Општина Центар Горан Герасимовски од СДСМ ја победи опозиционата кандидатка Наташа Котлар.

    ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 40 општини,  СДСМ ќе има 18 градоначалници, а ДУИ 13.

    Пред да каже дека поднесува оставка, Заев им честиташе на противниците на победата на локалните избори.

    „Во името на СДСМ им ја честитам на нашите опоненти победата на овие локални избори. Ја преземам одговорноста заклучно со резултатите на вие избори. Поднесувам оставка како премиер и претседател на СДСМ“, изјави Заев на прес-конференција, додавајќи: „Останувам на старото, не треба да има вонредни парламентарни избори. Ќе останам периодов додека треба, да се организира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има, а може и да се прошири“.

    „Горд сум што ја внесовме заедно земјата во НАТО. Лани добивме препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Попис спроведовме. За нас прогресивните кои им се радувавме на овие успеси, за жал, дојде политичка казна. Разочараност за мнозинството кое ги избра истите кои пред само четири години тргнаа да убиваат луѓе во парламентот. Се здружија жртви и насилници. Јас сум донел слобода и демократија, а демократијата подразбира поднесување одговорност“, кажа Заев.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се заблагодари на Алијансата за Албанците и на Левица на Димитар Апасиев, во победничкиот говор по вториот круг на локалните избори. Мицкоски рече дека сите заедно срушиле бариери и докажале дека е можен широк опозициски фронт, кој ќе победи на идните парламентарни избори, кои, според него, многу веројатно ќе бидат предвремени.

    Во скопската Општина Карпош градоначалник стана Стевчо Јакимовски од ГРОМ, кој се враќа на градоначалничката функција на која беше пред Стефан Богоев, кој не се кандидираше на овие локални избори. Во вториот изборен круг Јакимовски го победи кандидатот на СДСМ Душко Весковски.

    Во Куманово победи актуелниот градоначалник Максим Димитриевски од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, пред кандидатот од СДСМ Оливер Илиевски. Во Тетово победи кандидатот на Беса Биљал Касами пред противкандидатка од ДУИ Теута Арифи.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира