ДЕСЕТМИНА ПРИВЕДЕНИ, ЕДЕН ВО БЕГСТВО ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА И ТРГОВИЈА СО 14-ГОДИШНО ДЕТЕ ВО ТЕТОВО И ГОСТИВАР

    ДЕСЕТМИНА ПРИВЕДЕНИ, ЕДЕН ВО БЕГСТВО ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА И ТРГОВИЈА СО 14-ГОДИШНО ДЕТЕ ВО ТЕТОВО И ГОСТИВАРПриведените се на возраст од 50 до 69 години, а добија кривича пријава оти подведувале дете за 50-200 евра. (Фото: СДК.МК)

    Десетмина се приведени, а еден е во бегство за сексуална експлоатација и трговија со дете, соопшти МВР по вчерашната акција во Тетово и Гостивар под раководство на обвинителката од Организиран криминал и корупција Елизабета Јосифовска. Приведените се на возраст од 50 до 69 години, а добија кривича пријава оти подведувале 14-годишно дете за 50-200 евра. Деветмина добија и притвор од 30 дена.

    Акцијата е резултат на повеќемесечна меѓуинситуционална соработка заради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „трговија со дете“, извршено од 11 идентификувани лица, соопшти Обвинителството.

    „Според наводите содржани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка, летото 2020 година првоосомничената, го прифатила четиринаесетгодишното дете-жртва во својот дом, а подоцна ги прифатила и нејзините десетгодишна сестра и седумгодишен брат за да се грижи за нив поради нарушените односи во нивното семејство. Набргу потоа, искористувајќи ја состојбата на немоќ и ранливост на детето-жртва, заканувајќи ѝ се и применувајќи други форми на присилба, започнала да го подведува детето на вршење полови дејствија со дел од осомничените и други НН лица за одреден паричен надомест. Честопати заканите кон детето-жртва биле поврзани со нејзините брат и сестра, дека доколку не ги прифати договорените сексуални активности, децата ќе ги остави во дом или ќе ги врати кај нивната мајка. Подоцна, уште тројца од осомничените, по претходен договор со првоосомничената, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист, две години, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, го подведувале детето на вршење полови дејствија по пат на сексуална експлоатација со останатите осомничени и други НН лица меѓу кои имало и жена. Осомничените корисници на сексуалните услуги, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со дете, на подведувачите им исплаќале паричен надомест во висина од 50 до 200 евра“, соопшти Обвинителството.

    Обвинителот до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. За кривичното дело што им се става на товар на осомничените и кое директно го крши Протоколот кон Конвенцијата за правата на детото што се однесува на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија (МД-44/03-95) е запретена е казна затвор во траење од најмалку 8 години, додека за делото сторено од првоосомничената најмалку 10 години.

    „Во временскиот период од 2020 година до септември 2021 година, Г.Ш. искористувајќи ја состојбата на немоќ и ранливост на детето, во претходен договор со С.С., А.П. и К.Х., го сториле делото така што го подведувале детето на вршење полови дејствија по пат на сексуална експлоатација и негово користење во сексуални активности или други форми на сексуална експлоатација со кривично пријавените Р.А., И.З., И.Е., А.М., Ќ.Ќ., Ф.А. и А. Ш., за паричен надомест во висина од 50 до 200 евра, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист“, соопшти МВР.

    Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, на подрачјето на Тетово на две локации извршени се претреси во дом и други простории и лишени се од слобода осум лица, додека на подрачје на
    Гостивар лишени од слобода се две лица, а едно лице се наоѓа надвор од Македонија.

    „Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 11 лица, од кои Г.Ш. (51) од Тетово за кривично дело ‘трговија со дете’ (418-г став 2), С.С. (59) од Тетово за ‘трговија со дете’ (член 418-г став 1 и став 3), А.П. (67) од Тетово и К.Х. (50) од Гостивар за ‘трговија со дете’ (член 418-г став 1) и Р.А. (69), И.З. (55), И.Е. (67), А.М. (50), Ќ.Ќ. (53) и Ф.А. (63), сите од Тетово и А.Ш. (51) од Гостивар за ‘трговија со дете’ ( член 418-г став 3) од Кривичен законик“, вели МВР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира