ДЕЦАТА ОД ПРВО ДО ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ КОИ ЌЕ УЧАТ ОД ДОМА ВО ЖИВО ЌЕ ГО СЛЕДАТ ЧАСОТ ОД УЧИЛНИЦАТА

    ДЕЦАТА ОД ПРВО ДО ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ КОИ ЌЕ УЧАТ ОД ДОМА ВО ЖИВО ЌЕ ГО СЛЕДАТ ЧАСОТ ОД УЧИЛНИЦАТАУчилиштата сѐ уште не бараат родителите на учениците од прво до трето одделение да се изјаснат дали нивното дете физички ќе следи настава или онлајн. (Фото: К. Попов)

    Во живо од училницата ќе се пренесува часот за децата од прво до трето одделение, чии родители одлучиле да не одат на училиште туку ќе учат од дома. Од Министерството за образование и наука (МОН) објаснуваат дека веќе се изработени уште неколку модели, во случај децата да не можат во живо да ја следат од дома наставата.

    „Во моделот настава со физичко присуство, наставникот ќе биде присутен во училницата и ќе ја предава материјата непосредно пред учениците чии родители одлучиле тие да посетуваат настава со физичко присуство. Доколку во паралелката одредени родители побарале учениците да следат онлајн настава, часот ќе се пренесува во живо за сите нив. Доколку можностите не дозволуваат стриминг во живо, часот ќе се снима и потоа ќе се проследи до сите останати ученици преку апликациите кои се користеа и во изминатата учебна година, или ќе му се достават печатени материјали на секој ученик одделно. Исто така, наставникот може да одбере веќе снимен час на соодветната тема поставен на ЕДУИНО“, објаснуваат од Министерството за образование и наука.

    Училиштата сѐ уште не бараат родителите на учениците од прво до трето одделение да се изјаснат дали нивното дете физички ќе следи настава или онлајн. Од Министерството велат дека рокот за изјаснување ќе биде до пред почетокот на учебната година, за да може да се направи соодветен распоред во зависност од бројот на ученици пријавени за одење во школо и за учење од дома.

    Часовите за учениците  ќе траат 30 минути. Целодневна настава не е предвидена, со оглед на одлуката сите родители на деца до 10 години да бидат ослободени од работа со присуство на работното место. Децата ќе треба да носат оброк од дома. Ако постои можност училиштето да набавува оброк, од Министерството објаснуваат дека потребно е тоа да биде готов производ соодветно спакуван кој одговара на стандардите за исхрана на возраста на децата.

    Што ќе биде со наставниците кои имаат деца до 10 години, дали тие ќе бидат изземени од одлуката да не одат на работа како што е случај со здравствените работници, сѐ уште не е одлучено. Од Министерството за образование велат дека за ова прашање Владата ќе заземе став откако ќе добие мислење од МОН, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира