СИТЕ РОДИТЕЛИ НА ДЕЦА ДО 10 ГОДИНИ И ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОДЕЊЕ НА РАБОТА

    СИТЕ РОДИТЕЛИ НА ДЕЦА ДО 10 ГОДИНИ И ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОДЕЊЕ НА РАБОТАОд Министерството за образование велат дека целодневна настава не е предвидена, со оглед на одлуката родителите да бидат ослободени од работа со присуство на своето работно место. (Фото: К. Попов)

    Сите родители на деца на возраст до 10 години и по почетокот на учебната година ќе бидат ослободени од одење на работа како и досега, во рамки на мерките за спречување на ширење на коронавирусот. Одлуката на Владата за ослободување на работа на еден родител на дете до 10 години ќе се продолжи и од септември и ќе важи и за оние родители чии деца ќе одат на училиште, бидејќи како што објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за образование, часовите ќе бидат скратени.

    „Часовите во основните училишта ќе траат 30 минути. Целодневна настава не е предвидена, со оглед на одлуката родителите да бидат ослободени од работа со присуство на своето работно место“, велат од Министерството за образование.

    Децата од прво до трето одделение кои ќе се одлучат да одат на училиште ќе треба да носат оброк од дома. Ако постои можност училиштето да набавува оброк, од Министерството објаснуваат дека потребно е да биде тоа да биде готов производ соодветно спакуван кој одговара на стандардите за исхрана на возраста на децата.

    Околу ослободувањето од одење на работа на родителите на деца до 10 години се разговарало и на вчерашната владина седница. Донесен е заклучок да се разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите на родителте кои се ослободени од работа, преку Фондот за здравствено осигурување или пак преку нов пакет на економски мерки.

    „Дополнително, Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација, да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување на работа со скратено работно време или работа во смена за оваа категорија на лица, кои во овој момент се ослободени од извршување на работа и работни активности со физичко присуство на работното место“, велат од Владата.

    Вчера, Владата донесе одлука учебната година да почне во септември, но не одреди од кој датум. Наставата за учениците од четврто до деветто одделение, односно од прва до четврта година средно ќе се одвива онлајн, од дома. Децата од прво до трето одделение ќе посетуваат настава со физичко присуство, но родителот ќе има избор да одлучи дали детето ќе оди на училиште или ќе следи онлајн настава.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира