Министерот за здравство Илир Демири денеска ја потпиша вчерашната одлука на Комисијата за заразни болести, со која децата кои во последните 6 месеци се вакцинирани со трета доза ДиТеПер може да одат во градинка од понеделник (18 март), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија.
„Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита. Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца“, вели министерот.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска, рече дека со него и со претседателот на Комисијата, д-р Александар Петличковски, се договориле денес да ѝ биде доставена новата одлука, со цел од понеделник во градинките да се вратат децата со примени 3 дози, или завршена примовакцинација.
Комисијата ја преиначи првичната одлука, со која од 11 март им беше забранет прием на невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината, поради прогласената епидемија на голема кашлица во Скопје.
Поради забуната во јавноста и различното толкување на „целосно неимунизирани“, родители реагираа дека не е јасно дали се работи за вакцина, која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст, или ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината.
Претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова вчера кажа дека ваквата одлука е донесена бидејќи проценето е дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци ќе биде оптимално заштитено за да посетува градинка со напомена дека ревакцина мора за 6 месеци.
„Иминунолошкиот аспект за заштита на детето ќе биде целосен ако ја примило третата доза и задолжително се прими ревакцина за 6 месеци“, кажа Грозданова.
Од Комисијата за заразни болести ќе апелираат до градинките да вршат поинтензивна проверката на вакциналните картони и притоа да биде вклучена и проверката за МРП вакцината за да не ни се случат две епидемии истовремено. Велат дека децата можат во ист ден да примат и ДиТеПер и МРП вакцина.
Младеновска кажа дека оваа недела биле извршени 100-тина инспекциски надзори во државните и приватните градинки и дека се задоволни од соработката со нив.
Во однос на вакцините за возрасни против голема кашлица, министерот рече дека се стигнати во земјава, и граѓаните кои имаат потреба може да се вакцинираат.
Д-р Петличковски на 21 февруари кажа дека апелираат да се вакцинираат возрасните кои живеат во заедници каде има мали деца под 1 година, здравствените работници кои работат со деца и трудници во третиот семестар од бременоста.
Б. НЕСТОРОСКА