ДЕЦАТА ВО ГРАДИНКА И УЧИЛИШТЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАПИШАТ ЕЛЕКТРОНСКИ, НАЈАВИЈА МИНИСТРИТЕ МАНЧЕВСКИ И ШКРИЈЕЉ

    ДЕЦАТА ВО ГРАДИНКА И УЧИЛИШТЕ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАПИШАТ ЕЛЕКТРОНСКИ, НАЈАВИЈА МИНИСТРИТЕ МАНЧЕВСКИ И ШКРИЈЕЉВо Министерството за информатичко општество и администрација работат на поврзување на сите институции меѓусебно, што ќе значи дека граѓаните нема повеќе да треба да бидат курири на институциите и да доставуваат документи од една во друга институција. (Фото: К. Попов)

    Децата во градинка и во училиште родителите ќе можат да ги запишат електронски, преку Националниот портал на електронски услуги uslugi.gov.mk. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, денеска најавиjа дека во моментов се работи на поврзување на сите потребни системи за да се обезбеди електронски упис.

    „Очекувам дека за неколку недели ќе може да стартува електронскиот упис на деца во градинка, а од септември и за уписите на децата во училиште. Наскоро, електронски и услугите од Управата за водење на матични книги, кои се најкористени од граѓаните, ќе се издаваат само за неколку минути. Работиме и на тоа да се олесни вадењето лични карти и пасоши, односно граѓаните електронски да аплицираат, да ги наведат сите податоци и да извршат плаќање, а во МВР да отидат само да се сликаат и за да ги подигнат документите“, рече министерот Манчевски.

    Од денеска на порталот за електронски услуги граѓаните можат да извадат 11 потврди од Министерството за труд и социјална политика, како што се потврда за користење на право на посебен додаток, за користење на право на родителски додаток за трето дете, потврда за додаток за образование – студирање. Електронски ќе може да аплицираат и корисници на право на социјална сигурност за стари лица, за користење на право на детски додаток, за траен надоместот, надоместок на плата за скратено работно време, за помош и нега од друго лице, за надоместок заради попреченост и за право на гарантирана минимална помош.

    „Откако еднаш ќе се регистрирате на порталот, секогаш понатаму само со неколку клика ќе можете да ги добие потребните документи на меил, кои се важечки исто како документите добиени на шалтер. И притоа, се прескокнуваат сите бирократски чекори, шалтери, редици. Со ова ќе се намали административната работа на социјалните служби и тие ќе може да се фокусираат на работа на терен“, рече Шкријељ.

    Во Министерството за информатичко општество и администрација работат на поврзување на сите институции меѓусебно, што ќе значи дека граѓаните нема повеќе да треба да бидат курири на институциите и да доставуваат документи од една во друга институција. Потврдите и сите потребни документи секоја институција ќе може да си ги повлече сама од системот.

    Досега порталот uslugi.gov.mk го користат 10.000 граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира