ЏАФЕРИ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ВЕЉАНОСКИ МОЖЕЛ ПРЕКУ РЕЖИЈАТА ВЕДНАШ ДА ГИ ИСКЛУЧИ ПРАТЕНИЦИТЕ ШТО ЈА ПЕЕЈА МАКЕДОНСКАТА И АЛБАНСКАТА ХИМНА, ПРЕД ТОЛПАТА ДА СЕ ЗАПАЛИ И ДА ГО НАПАДНЕ СОБРАНИЕТО

    ЏАФЕРИ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ВЕЉАНОСКИ МОЖЕЛ ПРЕКУ РЕЖИЈАТА ВЕДНАШ ДА ГИ ИСКЛУЧИ ПРАТЕНИЦИТЕ ШТО ЈА ПЕЕЈА МАКЕДОНСКАТА И АЛБАНСКАТА ХИМНА, ПРЕД ТОЛПАТА ДА СЕ ЗАПАЛИ И ДА ГО НАПАДНЕ СОБРАНИЕТОСудијата Иле Трпков ќе пресуди на крајот во чија полза е тоа што Талат Џафери кажа дека обвинетиот Вељаноски не можел директно, ама можел преку собраниската режија веднаш да го исклучи пеењето на албанската химна која го запали народот пред Собранието на 27 април 2017. (Фото: СДК.МК)

    Еден ист исказ на претседателот на Собранието Талат Џафери како сведок во судскиот процес за организирање на нападот на Собранието на 27 април 2017 , го сфаќаат во свој прилог и обвинетиот Трајко Вељаноски кој го предложи овој сведок,  и обвинителката Вилма Русковска која е задоволна што тој ѝ го поткрепил обвинението кон Вељаноски.

    Сакајќи да докаже дека работел исклучиво по собранискиот Деловник и оти и да сакал, не можел да го прекине пратеникот Зекирија Ибраими кога излезе да ја пее албанската химна и со тоа да го спотне огнот во насобраната толпа пред собраниските врати, авокатот на тогашниот претседавач Вељаноски го праша Џафери:

    „Дали имаше тогаш можност претседавачот Вељаноски од претседателското место во Парламентот да го исклучи пратеникот Ибраими кога почна да ја пее албанската химна?“

    „Во тој момент на местото каде што седи претседателот на Собранието немаше такво копче. Таква   техничка можност беше создадена потоа, по мое лично барање, кога бев избран за претседател. Но, имаше можност да се прекине дискусија, со тоа што од место претседавачот на микрофон и се обраќа на режијата и таа веднаш го исклучува говорникот“, рече Џафери.

    Пред Ибраими да ја испее албанската, пратеникот Крсто Мукоски, кој подоцна ги отвори пломбираните собраниски врати, ја пееше македонската химна. Додека Ибраими пееше, како што се слушна и од досегашните сведочења, пратеникот Димитар Стевананџија и други од ВМРО-ДПМНЕ стишуваа со: „шшшшшт, тивко!“, за да ја слушнат убаво насобраните преку телевизиските преноси со цел да кулминира тензијата со влегување во Собранието.

    Русковска, која го товари Вељаноски дека свесно и намерно го оставил Ибраими да ја запали тензијата, како дел од сценариото за напад на Собранието, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Џафери со денешното сведочење јасно и децидно потврдил дека Вељаноски веднаш можел да го прекине пратеникот, но не ја искористил таа деловничка можност.

    Откако заврши сведочењето, адвокатот на Вељаноски кажа дека „господинот претседател  Џафери само го потврдил тоа што цело време го тврдат, дека Вељаноски постапувал строго деловнички и немал можност, според него, да ги исклучува говорниците.

    За организација на ова терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста со напад на законодавниот дом, покрај Вељаноски, обвинети се и Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски. Осомничени беа експремиерот Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни, оти Груевски е избеган во Унгарија, а Бошкоски во Грција.

    Сите се обвинети дека по неуспешните преговори за формирање влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016, изготвиле план со намера толпата под водство на луѓе од УБК и од подземјето, но и под водство на глумец, пејач и твитерџија, да го нападне Собранието, тешко да повредат и пратеници од СДСМ кој имаше обезбедено мнозинство и за избор на претседател, т.е. да спречат мирно примопредавање на власта.

    Судењето продолжува на 16 октомври, кога ќе сведочат пратеници-сопартијци на Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира