ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ Е НОВ ЛИДЕР НА СДСМ, УБЕДЛИВО ГИ ПОБЕДИ ДЕСПОТОВСКИ И РЕМЕНСКИ, ЌЕ БИДЕ И МАНДАТАР НА НОВАТА ВЛАДА

    ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ Е НОВ ЛИДЕР НА СДСМ, УБЕДЛИВО ГИ ПОБЕДИ ДЕСПОТОВСКИ И РЕМЕНСКИ, ЌЕ БИДЕ И МАНДАТАР НА НОВАТА ВЛАДАКовачевски освои 37.649 гласови, Деспотовски 3.319, а Ременски 2.836. (Фото: К. Попов)

    Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, е нов лидер на СДСМ. На вонредните внатрепартиски избори, Ковачевски ги победи противкандидатите Фросина Ременски и директот на ТИРЗ Јован Деспотовски. Тој е шести лидер на СДСМ, а ќе биде и мандатар и премиер на новата Влада.

    Како што соопштија од Центрaлната изборна комисија на партиските избори гласеле 44.406 членови на СДСМ или 86,5 отсто од активно регистрираните. Од сто проценти обработени податоци, Ковачевски освои 37.649 гласови, Деспотовски 3.319, а Ременски 2.836. Неважечки се 602 гласачки ливчиња.

    Ковачевски кажа дека како прв човек на СДСМ ќе работи да се врати единството во партијата, да се продолжат социјалдемократските вредности и  врз основа на нив да се градат државните политики, како и да се отвори партијата кон нови кадри.

    „Вечерва СДСМ одржа уште една лекција од демократија. Денеска ќе славиме за успешните избори, но од утре треба да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Секогаш кога СДСМ е силен, државата оди напред. Мојата програма подразбира да работиме со здружени сили. Нè чека напорна работа ако сакаме СДСМ да биде таков како сите го посакуваме, силен и обединет“, рече Ковачевски, кој во говорот му се заблагодари на досегашниот лидер Зоран Заев.

    Ковачевски доаѓа на местото на досегашниот претседател на партијата и премиер Заев, кој оставка од двете функции најави по поразот на локалните избори во октомври. Заев e петтиот лидер на СДСМ избран во 2013, а од 2017 е и премиер.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира