ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕНА ПО ИЗБОРИТЕ, КЛИНИКАТА ЗАТВОРЕНА СЛЕДНИТЕ 14 ДЕНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕНА ПО ИЗБОРИТЕ,  КЛИНИКАТА ЗАТВОРЕНА СЛЕДНИТЕ 14 ДЕНА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Од наша страна ќе биде разрешена после изборите, a другите институции нека преземат сѐ што треба да се преземе. Јас и мојот тим 24 часа непрекинато и посветено работиме на превентивни мерки за заштита од коронавирусот и однесувањето на докторката е најмалку што очекувавме“, рече Филипче. (Фото: K. Попов)

    Директорката на Клиниката за кожни болести ќе биде суспендирана, сега е предизборен период и не може формално-правно да се вршат разрешувања, најави министерот за здравство Венко Филипче. Министерот објави дека докторката ноќеска била позитивна на тестот за короновирус. Таа пред една недела се вратила од патување од Италија, а одела на работа изминатите пет работни денови. Филипче неколку пати нагласи дека е крајно разочаран од неодговорното однесување на медицинското лице.

    „И покрај тоа што антиципиравме ризици, уште многу пред време и уште многу пред нашите соседни земји, ги спроведовме сите мерки на претпазливост, како на аеродромите, така и на граничните премини, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу нè разочара. Ќе се преземат мерки за директорката, сега е предизборен период, не може формално-правно да се вршат разрешувања и именувања, но во првата можност таа ќе биде разрешена од функцијата, но во овој момент тоа е ирелевантно со оглед на тоа што целата клиника ќе биде затворена 14 дена. Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Од наша страна ќе биде разрешена после изборите, a другите институции нека преземат сè што треба да се преземе. Јас и мојот тим 24 часа непрекинато и посветено работиме на ова прашање, и ова е најмалку што очекувавме“, рече Филипче.

    Филипче кажа дека после сместувањето на пациентката на Клиниката за инфективни болести, уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна изолација, интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат сите ќе бидат во 14-дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени, како и 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница, што значи дека доаѓале за да примат терапија.

    „Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматовенеролози, на која присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на клиниката. Сите тие се исконтактирани телефонски, кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите, и кај нив исто така дадена е мерка домашна изолација. Помеѓу нашите гости имало и тројца од Грција, за што лично го известив грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет. Салата каде што се одржувала конференцијата е целосно дезинфицирана, согласно прописите, а истото е случај и со клиниката од страна на соодветната служба“, кажа министерот.

    Министерот апелира до сите на кои им е пропишана мерката домашна самоизолација доколку патувале во ризичните региони да внимаваат и да се придржуваат на сите мерки кои Министерство за здравство по неколку пати на ден ги повторува.

    Во моментов на Инфективната клиника се тестираат уште 8 лица за короноавирус. Тоа е еден пациент кој на 26 февруари престојувал во Бугарија, развил симптоми слични на грип, и неговата сопруга. Понатаму, 1 патник од Сингапур, наш државјанин кој пред 3 дена се вратил во нашата земја, 3 лица кои биле во контакт со пациентите хоспитализирани од Дебар и 1 пациент од Гевгелија.

    „Апелирам информации да се црпат изворно од Министерството за здравство, затоа што лажни информации креираат паника. Сметам дека ситуацијата не треба да се користи за добивање на дневнополитички поени“, кажа Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира