ДИСКРИМИНАЦИЈА Е НА ЖЕШТИНИТЕ ДА НЕ ОДАТ НА РАБОТА САМО ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ НАД 60 ГОДИНИ, СМЕТА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    ДИСКРИМИНАЦИЈА Е НА ЖЕШТИНИТЕ ДА НЕ ОДАТ НА РАБОТА САМО ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ НАД 60 ГОДИНИ, СМЕТА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛОмбудсманот оценува дека високите температури од портокалова фаза што деновиве ја зафатија целата држава се подеднакво опасни за сите граѓани, посебно хронично болните на било која возраст (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител бара да се преиспита одлуката на Министерството за здравство, со која деновиве поради високи температури од портокалова фаза од работа се ослободени бремените жени и хронично болните лица над 60 години, затоа што смета дека се прави дискриминација по возраст. Омбудсманот оценува дека високите температури од портокалова фаза што деновиве ја зафатија целата држава се подеднакво опасни за сите граѓани, посебно хронично болните на било која возраст.

    „Зимоска, кога имаше екстремно ниски температури, добивме претставка од една госпоѓа, која реагираше токму на возраста, односно ослободување од работа за хронично болни над 60 години. Ние го проширивме тоа и вметнавме и во услови на високи температури и побаравме од Комисијата да го прошири акцискиот план за превенирање на последиците врз населението. Добивме одговор дека комисијата ќе се консултира со Светската здравствена организација и со експерти и здруженија. Мислам дека сега повторно ќе го отвориме ова прашање и ќе видиме што ќе каже новиот министер. Оваа одлука ние ја гледаме низ призмата на човекови права“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

    Министерството за здравство вчера соопшти дека високи температури ќе ја зафатат државата од денес до сабота и затоа препорача од работа да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време и да се избегнуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

    За граѓаните од целата држава, министерството потсети дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, јадење лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира