До вторник, 10 ноември, фирмите погодени од пандемијата на коронавирусот треба да достават барање до Управата за јавни приходи (УЈП), за да добијат помош од државата за исплата на октомвриската плата. До 10-ти во наредниот месец ќе се врши аплицирање за помошта за плати за ноември и декември, преку системот на Е-даноци на УЈП. Со оваа мерка во рамките на владиниот четврт пакет мерки, се овозможува исплата на плата најмногу до 21.776 денари за фирмите, односно 17.410 денари кај самостојните вршители на дејност.
По поднесување барање за финансиска поддршка за исплата на плати за работниците, Управата за јавни приходи ќе одговори за комплетноста на барањето веднаш односно најдоцна до 3 дена. По обработка на податоците, како што објаснуваат од УЈП, Управата ќе ја информира Владата за тоа кои работодавачи ги исполниле услови за финансиска поддршка, заради натамошна исплата на финансиските средства. Средствата преку Владина програма за финансиска поддршка ќе се исплаќаат до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
Висината на помошта ќе се движи во зависност од степенот на намалениот приход на работодавачот, односно од 30 до 40 отсто намален приход помошта ќе биде 14.500 денари, а највисоката помош од 21.776 денари ќе биде за над 80 отсто намален приход.
Работодавачот не смее да го отпушти работникот во рок од два месеца по завршување на помошта.
Средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50% од примената финансиска поддршка, а ги враќа оној работодавач кој има искажано позитивен финасиски резултат зголемен за непризнаените расходи и кој нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси. Враќањето ќе се врши на 3 месечни рати без камата во месеците октомври, ноември и декември 2021 година. Работодавачите кои искажале негативен финансиски резултат, односно искажале загуба пред оданочување и немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси, немаат обврска да ги враќаат примените финансиски средства.
Во рамките на четвртиот пакет економски мерки на Владата, за мерката исплата на плати со ребалансот на буџетот се обезбедени околу 70 милиони евра.
А. АНТЕВСКА