ДОМА КАЈ БОКИ 13 БЕВ ДА МИ ПОНУДИ БИЗНИС, ТАМУ БЕШЕ И ВЕНКО ФИЛИПЧЕ, СВЕДОЧИ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“

    ДОМА КАЈ БОКИ 13 БЕВ ДА МИ ПОНУДИ БИЗНИС, ТАМУ БЕШЕ И ВЕНКО ФИЛИПЧЕ, СВЕДОЧИ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“Обвинетиот Боки 13 на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Со вкрстени прашања на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 кон сведокот Орце Камчев продолжи по паузата судењето за „Рекет“. Одговарајќи на прашање на Боки 13, Камчев рече дека на средба во домот на првообвинетиот бил и министерот за здравство Венко Филипче. По завршување на судењето, во изјава за медиумите Камчев појасни дека Филипче бил на средбата во домот на Боки 13 бидејќи тој ги викнал да им нуди бизнис за јавно-приватно партнерство за изградба на болници, но тие го одбиле, бидејќи, според Камчев, тоа биле будалаштини.

    „Кој ја зема ташната, кој ја изнесе откај тебе?“, праша Боки 13.

    „Ти и Зоки“, рече Камчев.

    Потоа Боки 13 го праша Камчев зошто на 22.2.2019 дал наводни непостоечки милион евра, кога на 31 јануари Врховниот суд донел начелно правно мислење за истрагите на СЈО во негова полза за „Империја“.

    „Јас одлучив да ги исплатам, за да ја тргнам таа лага од мене и врз други луѓе, за да почне да владее конечно правото во Македонија, за да се разоткрие сè што прави специјалната обвинителка Јанева“, одговори Камчев.

    „Што ви е тоа во рацете, од кај ви е записникот од истрагата?“, праша Боки 13.

    „Не е записник, си куцав нешто, си се спремав за ова денешно сведочење. Не е записник“, одговори Камчев.

    „Јас видов записник во вашите раце“, искоментира Боки 13 и потоа го праша Камчев:

    „Дали свесно ме наведувавте да ги покажувам политичарите, зашто си агент провокатор?“

    „Не те терав да ми покажуваш слики, да ги пушташ на спикерфон, не те наведував да ја донесеш Катица на операција за желудник и цревата за да ја намали тежината“, одговори Камчев.

    „Дали свесно ме наведувавте на бизниси со вас, за да ме држите свесно во заблуда и да ја направите оваа конструкција?“, праша Боки 13.

    „Не те наведував ни тоа“, одговори Камчев.

    „Дали го теравте Зоран Милески постојано да ме вика кај тебе?“, праша Боки 13.

    „Не“, одговори Камчев.

    „Што правевте во мојот дом на 15 март?“, праша Боки 13.

    „Да ми понудите бизнис кој јас го одбив“, кажа Камчев.

    „Кој беше присутен?“, праша Боки 13.

    „Покрај нас двајца и жената што чисти кај Јовановски, беше и министерот за здравство Венко Филипче“, одговори Камчев.

    По завршување на судењето, во изјава за медиумите Камчев појасни дека Венко Филипче бил на средбата во домот на Боки 13 бидејќи тој ги викнал да им нуди бизнис за јавно-приватно партнерство за изградба на болници.

    Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари