ДОНАЦИЈАТА ЗА УКРАИНА НЕМА ДА ЈА ЗАСЕГНЕ БОРБЕНАТА ГОТОВНОСТ НА АРМ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ПЕТРОВСКА

    ДОНАЦИЈАТА ЗА УКРАИНА НЕМА ДА ЈА ЗАСЕГНЕ БОРБЕНАТА ГОТОВНОСТ НА АРМ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ПЕТРОВСКАТенковите не се дел од формацијата на АРМ и при носењето на сите одлуки превенствено беше консултиран Генералштабот на АРМ, рече Петровска. (Фото: Министерство за одбрана)

    Владата досега донела три одлуки за донации на Украина и од безбедносни причини се класифицирани информациите за тоа што и каков вид опрема се донира, а кога ќе има проценка дек не постои безбедносен ризик одлуките ќе бидат декласифицирани, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

    Петровска рече дека едната одлука е за тенковите кои веќе можеше да се видат на патиштата низ земјава и ги демантираше шпекулациите дека со оваа и другите донации се нарушува борбената готовоност на АРМ.

    „Тенковите не се дел од формацијата на АРМ и при носењето на сите одлуки превенствено беше консултиран Генералштабот на АРМ“, рече Петровска.

    Таа истакна и дека одлуката за донација на Украина е суеверна без оглед што Македонија дел со системот на колективна безбедност на НАТО.

    „Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена, независна и самостојна држава е нападната, Украина, треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини ја донесовме одлуката за воена поддршка на Украина, во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата што беше нападната и која се брани од агресија“, рече Петровска.

    На 29 јули, Министерството за одбрана потврди дека Македонија ќе ѝ ги донира своите тенкови Т-72 на украинската војска, додека истовремено планира да ја модернизира својата армија согласно НАТО стандардите. На 2 август, портпаролката на руското МНР Марија Захарова кажа дека Македонија направила голема грешка со донацијата на тенковите за Украина. Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи ѝ одговорија дека Македонија од самиот почеток ја осуди руската инвазија на Украина и набрзо потоа донесе одлука да ѝ помогне на Украина во одбрана на својот територијален интегритет.

    Михаил Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на 6 август се заблагодари на донацијата што Украина ја доби од Македонија.

    „Пријателот се познава во неволја. Не е важно со каква големина е твојата земја, важно е какво е срцето. Многу народи денес ќе покажат повеќе храброст од половина од Г20, како Северна Македонија, која ѝ пружи помош на Украина. Ние никогаш нема да го заборавиме ова“, објави на Твитер Подољак.

    Петровска кажа и дека за одбележување на Денот на Армијата, 18 Август и јубилејот 30 години АРСМ, в среда на Воениот стадион во Скопје ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои пристигнаа неодамна. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот.

    „Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“, кажа Петровска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира