ДРЖАВАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА ЛЕТОВИ НА ПОВЕЌЕ АВИОКОМПАНИИ, НЕ САМО НА „ВИЗЕР“, ОБЈАВЕН НОВИОТ ОГЛАС

    ДРЖАВАТА ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА ЛЕТОВИ НА ПОВЕЌЕ АВИОКОМПАНИИ, НЕ САМО НА „ВИЗЕР“, ОБЈАВЕН НОВИОТ ОГЛАСРангирањето ќе биде според период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба -Терминалот на Скопскиот аеродром (Фото: А. Михајловска)

    Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за субвенционирање на нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид. Субвенциите ќе се даваат во наредните три години односно од 2023 до 2025 година и за оваа намена во буџетот за наредната година се предвидени 1,1 милион евра.

    Како што кажа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски овој јавен повик е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании, а не само една односно унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ како што беше досега.

    Овој јавен повик е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија. Од нас е од исклучителна важност да привлеченме нови компании кои ќе оперираат на нови дестиции. Ќе бидат субвенционирани линии кои не биле оперирани најмалку две години“, рече министерот Бочварски.

    Компаниите кои ќе сакаат да конкурираат на јавниот повик треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019, да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 и да летаат најмалку два пати неделно. Финансиската поддршка ќе се доделува со рангирање на новите дестинации и тоа според период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба.

    Финансиската поддршка ќе биде 7 евра по патник во заминување од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра по патник во заминување од аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин и ќе избереме авиокомпании кои ќе достават најдобри понуди согласно критериумите во јавниот повик. Нашата крајна цел е да обезбедиме раст на авиосообраќајот во земјава, а на граѓаните да им овозможиме атрактивни дестинации согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите“, рече Бочварски.

    Прашан дали е можно повлекување на нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ од земјава со оглед на тоа дека новиот повик овозможува да се субвенционираат повеќе компании и нови линии кои досега не биле оперирани од Скопје, Бочварски рече дека „Визер“ не добива субвенции од државата од 2020, но и понатаму лета на голем број дестинации од Скопје и Охрид.

    Според последниоте податоци од јануари до септември оваа година „Визер“ учествува со 58,2 проценти од вкупниот број патници на Скопскиот аеродром и во моментов има стационирано 4 авиони од типот „ербас 320“ со по 180 седишта. Македонските воздухопловни власти стравуваат да не им се случи таканареченото „Сараевско сценарио“ кога „Визер“ речиси без најава ја затвори базата во главниот град на Босна и Херцеговина што придонесе за драматичен пад на сообраќајот и намалување на приходите. „Визер“ неодамна се откажа од летовите за Турку во Финска, Торино во Италија, Билунд во Данска од Скопје, а нема да ја обнови ни линијата од Охрид за Фридрихсафен во Германија. За време на корона кризата ги укина и летовите од Скопје до Барцелона и до Ларнака и од тогаш ги нема обновено. Истовремено, со зимскиот ред на летање „Визер“ укина и четири линии од Белград и една од Љубљана. 

     Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 19 јануари 2023. Јавното отворање на барањата за финансиска поддршка ќе се одржи на 20 јануари.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира