ДВАЈЦА ВЛЕГЛЕ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО СТРУГА, ПРСКАЛЕ СО СОЛЗАВЕЦ ВО СВЕДОК И ГИ ТЕПАЛЕ ПОЛИЦАЈЦИТЕ

    ДВАЈЦА ВЛЕГЛЕ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО СТРУГА, ПРСКАЛЕ СО СОЛЗАВЕЦ ВО СВЕДОК И ГИ ТЕПАЛЕ ПОЛИЦАЈЦИТЕОбвинителството бара притвор за двајцата кои почнале да го прскаат со солзавец лицето кои во станицата поднесувало пријава против нив, а потоа ги нападнале и полицајците. (Фото: СДК.МК)

    Двајца стружани среде полициска станица почнале да прскаат со солзавец, нападнале полицајци и се обиделе да им го земат оружјето. Како што велат од Обвинителството, двајцата осомничени 32-годишници, на 16 септември по полноќ, влегле во полициската станица во Струга додека друго лице поднесувало пријава против нив и со спреј-солзавец почнале да го прскаат пријавителот во присуство на неколкумина полициски службеници.

    Веднаш потоа осомничените ги нападнале и полицајците, започнале да ги влечат и да се обидуваат да им го одземат службеното оружје. Двајцата осомничени биле совладани, но продолжиле упорно да се обидуваат да се ослободат и да побегнат од станицата.

    Основното јавно обвинителство Струга поднесе предлог за определување мерка притвор против двајца осомничени од селото Велешта, за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие по член 382 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по член 383 од Кривичниот законик.

    Имајќи ја предвид дрскоста со која бил извршен нападот во полициска станица, околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можноста да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира