ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ИЛИ ИЗБОРИ, ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДО ПЕТОК

    ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ИЛИ ИЗБОРИ, ЌЕ СЕ ЗНАЕ ДО ПЕТОКПарламентарното мнозинство сè уште не губи надеж дека до исцрпување на дискусиите ќе успеат да ги убедат колегите од опозицијата да ги гласаат измените; - Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев со коалициониот партнер Иван Стоиљковиќ од ДПСМ на седницата на Комисијата за уставни прашања (Фото: К. Попов)

    Ако власта не успее да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за гласање на уставните измени предвидени со Договорот од Преспа, до петок ќе се знае дали ќе се распишат предвремени избори. За денеска во 11 часот е закажана расправата на пленарната седница за уставните измени. Тогаш ќе се знае дали власта го обезбедила потребното мнозинство (80 пратеници) за да започне со пристапување кон промена на Уставот. Од парламентарното мнозинство велат дека многу мали се надежите дека е обезбедено двотретинско мнозинство.

    Крајниот рок за расправа на пленарната седница е 10 дена, кога ќе треба да се гласа со двотретинско мнозинство гласови од пратениците за потребата за измена на Уставот.

    Предлогот на Владата за пристапување кон измени на Уставот на 12 октомври помина на Комисијата за уставни прашања со 10 гласа „за“ и 7 „против“.

    Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат каква стратегија ќе применат на седницата. Само кратко ни изјавија дека нивното однесување ќе зависи од реакциите на парламентарното мнозинство.

    „Како владејачко мнозинство ќе направиме дискусијата да се одвива во позитивна атмосфера. Има неколку можности за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: пратениците од опозицијата да влезат во пленарната сала, да дискутираат и да не гласаат. Второто сценарио е да гласаат по исцрпување на дискусијата. Но, најлогична опција е опозицијата да има обраќање, а потоа да ја напуштат собраниската сала со што се отвора можноста да се распишат предвремени избори“, велат извори од владејачкото мнозинство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во случај на распуштање на Собранието, според Уставот, избори се распишуваат од 45 до 60 дена. А пак Владата на која ѝ е изгласана недоверба, поднела оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

    Тоа значи ако се распишат предвремени избори, актуелната влада на премиерот Зоран Заев ќе биде во оставка, но ќе остане на должност сè до изборот на нова влада.

    Парламентарното мнозинство сè уште не губи надеж дека до исцрпување на дискусиите ќе успеат да ги убедат колегите од опозицијата да ги гласаат измените, иако ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Договорот од Преспа е политички мртов и решение за излез од политичката криза за нив се избори.

    Ставот на опозицијата е дека ниту еден нивен пратеник нема да гласа за измени на Уставот. Но, како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК на 8 октомври, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кои неколку дена преговарале нивните колеги од СДСМ и ДУИ за да ги усогласат ставовите за Договорот со Грција, се жалеле пред нив и пред странски амбасадори дека се под закана за животот ако ги поддржат амандманите во Собранието.

    Пратениците на опозицијата кои добивале закани на мобилен телефон, ги покажувале пораките пред колегите пратеници, но и пред некои од меѓународните претставници и новинари. Во некои од заканувачките пораки на смс, Вибер и на Воцап се споменувани и деца.

    Од СДСМ и од ДУИ велат дека до петок ќе се расчисти целата ситуација. Ако нема мнозинство и ако е извесно дека ќе пропадне гласањето за измените на Уставот, тогаш СДСМ планира да распише избори. Но, за да се распишат избори потребни се 61 глас, кои СДСМ ги нема. За се оди на избори, треба да гласаат или ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ. За да гласа ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието и распишување на предвремени парламентарни избори, опозицијата бара нов јавен обвинител, пржинска влада со мандат од 100 дена и формирање на ново Специјално обвинителство.

    Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најдобар датум за одржување на изборите е 9 декември, а по месните комитети веќе била започната постапката за номинирање на кандидати за пратеничките листи.

    Од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека избори не се решение.

    „Работиме секојдневно и интензивно со нашите колеги во Собранието и се надеваме дека сите заеднички ќе го градиме нашиот пат кон ЕУ и кон НАТО како што сме ветиле на изборите во 2016 година. Избори не се решение“, велат од ДУИ.

    Извесно здружение на граѓани „Преродба“ за денеска најави протести и блокада пред Собранието, за како што велат, „продолжување на македонскиот отпор“. Протестите ќе започнат во 10 часот, еден час пред започнувањето на собраниската седница.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира