ЕДВАЈ 4-5 МИНУТИ РАЗГОВАРАМЕ ЗА 27 АПРИЛ, ТОА БЕШЕ САМО ПОВОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ ОДМРЗНЕ ОДНОСИТЕ СО МЕНЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ

    ЕДВАЈ 4-5 МИНУТИ РАЗГОВАРАМЕ ЗА 27 АПРИЛ, ТОА БЕШЕ САМО ПОВОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ ОДМРЗНЕ ОДНОСИТЕ СО МЕНЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИПрва средба на Мицкоски и Пендаровски откако лани во август ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот бидејќи тој му го додели мандатот за нова влада на Заев.(Фото: Кабинет на Претседател на РСМ)

    Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска имаа средба во вилата Водно и, како што изјавија двајцата, ги „одмрзнале односите“. ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот Пендаровски лани во август, откако тој го додели мандатот за составување нова влада на премиерот Зоран Заев.

    По средбата, Мицкоски кажа дека со секого ќе зборува ако на тој начин можел да спаси барем еден живот и договориле со Пендаровски и во иднина да имаат средби за важни теми. Мицкоски кажа дека на средбата се разговарало за осудените за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.

    „Не бараме амнестија туку бараме правда за осудените лица бидејќи тие не се терористи. Имаме политичари кои нарачуваат пресуди, а судии кои остваруваат. Осудените не можат да се жалат на Врховен суд и пред Меѓународниот суд за човекови права, затоа што уште немаат добиено одлука од Апелација по нивната жалба“, рече Мицкоски.

    Тој додаде дека зборувале и за состојбата во земјава и му предочил на Пендаровски дека Македонија е најкорумпираната земја на Балканот и во Европа.

    Претседателот Стево Пендаровски кажа дека на средбата која траела еден час едвај 4-5 минути се зборувало за нападот на Собранието на 27 април, и дека му кажал на Мицкоски оти нама шанси да ги амнестира овие лица кои направиле кривично дело без преседан во соверемена Европа.

    „27 април беше само повод за ВМРО-ДПМНЕ да ги одмрзне односите со мене. На средбата кажав дека овие лица не беа осудени за тероризам, туку за терористичко загрозување на уставниот поредок и за тоа добија соодветни казни. Меѓутоа, политичката реторика за пресудите дополнително го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Мојата теза е дека ако продолжиме со ваква крајно спротивставена реторика, не ќе може да поставиме нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели. Мојот став ако има нови докази дека може да се  преотвори процесот, не значи дека заговарам отварање на процесот, туку само ја цитирам законската можност. Ја разбирам потребата од драматизирање и патетика за еден мал дел од медиумите и најаваите дека средбата ќе помине во обид за ревидирање на судскиот процес. Наводното релативизирање на настаните од 27 април кое некои ми го импутираат не можете да го очекувате од мене, бидејќи јас тој ден како пратеник бев еден од нападнатите и повредените“, кажа Пендаровски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира