ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ УАПСЕН ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, РУСКОВСКА БАРА ПРИТВОР

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ УАПСЕН ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО, РУСКОВСКА БАРА ПРИТВОРВчера на судењето тројца од обвинетите го посочија токму ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски за организацијата на нападот на Собранието на 27 април лани; - Поранешните функционери од МВР Оливер Андонов и Владимир Атанасовски пред УБК во октомври 2016 (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК, кого вчера обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски го посочија како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април лани, вечерва е уапсен и изнесен пред судија напретходна постапка. Обвинителката Вилма Русковска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека Атанасовски е приведен поради исказите дадени на вчерашното судење за нападот на Собранието. Русковска вели дека за Атанасовски поднела предлог за притвор од 30 дена.

    Обвинителството за организиран криминал и корупција го товари Атанасовски за кривично дело „Здружување заради непријателска дејност“ по член 324 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите 33 лица за нападот на Собранието се за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

    „Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за  едно лице. Постои основано сомнение  дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1  од Кривичниот законик.Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор. Во моментов се очекува да започне сослушување на осомниченото лице“, соопшти Обвинителството.

    Атанасовски моментално не е дел од отворената предистражна постапка за главните организатори и нарачатели на организираниот напад на на Собранието. Судијата на претходна постапка во моментов одлучува за опасност од бегство на Атанасовски.

    Во притвор, за друго дело, е неговиот претходник во УБК Сашо Мијалков.

    На функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската населба Диво Насеље, кога загинаа осуммина припадници на МВР. На функцијата Атанасовски остана до 16 јуни 2017, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира