ЕУ ДА НИ ДАДЕ ПОМОШ ЗА СТРУЈА, ДА НЕ СЕ СЛУЧИ СРАМОТ КАКО ВО ПАНДЕМИЈАТА КОГА НЕ ДОБИВМЕ ВАКЦИНИ, КАЖА РАМА ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ НА ОТВОРЕН БАЛКАН

    ЕУ ДА НИ ДАДЕ ПОМОШ ЗА СТРУЈА, ДА НЕ СЕ СЛУЧИ СРАМОТ КАКО ВО ПАНДЕМИЈАТА КОГА НЕ ДОБИВМЕ ВАКЦИНИ, КАЖА РАМА ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ НА ОТВОРЕН БАЛКАННи претстои тешка зима и само заедно трите земји ќе можат полесно да се справат со кризата, а во тоа очекуваат помош и од ЕУ, рекоа лидерите на Самитот во Белград. (Фото: Влада на РСМ)

    (Специјално од Белград: Ана Антевска)

    Македонија, Србија и Албанија ќе испратат заедничко барање до Европската унија за помош во обезбедувањето струја за претстојната зима. Ова денеска го договорија премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ на Самитот на иницијативата Отворен Балкан во Белград. Како што кажаа, ни претстои тешка зима и само заедно трите земји ќе можат полесно да се справат со кризата, а во тоа очекуваат помош и од ЕУ.

    Премиерот на Албанија Еди Рама во говорот беше најконкретен за помошта што ја очекува од Европската унија и апелираше до европските лидери да не се повтори ситуацијата со пандемијата на ковид-19 кога го оставија Западен Балкан без вакцини.

    „Ние тројца ќе им се обратиме писмено за да добиеме дополнителна финансиска поддршка како што тоа ќе биде направено за земјите-членки. Да не се повтори срамот и однесувањето во пандемијата, кога ние за да можеме да ги вакцинираме докторите и граѓаните купувавме и добивавме вакцини од Кина, Русија и Турција, а ЕУ не ги обезбеди за нас, остана затворена само за земјите-членки”, рече Рама.

    Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека од Самитот испраќаат порака оти како држави и како влади, се солидаризираме и преземаме конкретни чекори за заеднички да се справиме со кризата во која се наоѓа Европа и во која се наоѓаат нашите земји.

    „Зимата пред нас која доаѓа ќе е долга и ќе биде најтешка после Втора светска војна како за нас, така и за целиот свет. Но, ако судам по сите разговори денес, подобро да ја пребродиме заеднички отколку секој да ја пребродува самостојно. Ние како Влада ги ставаме во функција сите енергетски потенцијали, но како што истакна и претседателот Вучиќ, ако ние имаме производствени капацитети истовремено имаме и недостаток на суровини за производство на електрична енергија кои ги има или во Србија или во Албанија и затоа оваа регионална соработка е исклучително значајна“, кажа Ковачевски.

    Во рамките на Самитот беше потпишан договор за соработка и инвестиции во кинематографскиот и аудиовизуелниот сектор, како и за ангажирање уметници и филмски професионалци од Западен Балкан, со тоа што ќе се олесни поврзувањето меѓу нив.

    „Ќе биде формиран заеднички, копродукциски фонд ’Отворен Балкан‘ за филмските професионалци, а ќе се олесни и заедничкото аплицирање за други фондови, ќе се окрупни и засили дистрибуцијата и ќе се добијат голем број други поволности за усовршување на овој значаен сегмент од културата во регионот“, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која со ресорните министерки на Албанија и на Србија, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните активности во Западен Балкан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира