Европската унија ќе воведе квоти за извоз на челик и на алуминиум од Македонија во траење од три години, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Европската комисија во петокот упати нота до Македонија со која се известува за воведување на заштитни мерки за извоз на челик и за алуминиум. Надминување на квотата, компаниите ќе плаќаат 25 отсто царина. Досега не се плаќаше царина“, рече Османи на денешниот брифинг со новинарите.
Тој рече дека владата прави сè што е во нејзина моќ Македонија да биде изземена од заштитните мерки.
„Според новата формулација, просекот на извоз во 2015, 2016, и 2017 година, плус 5 отсто раст, е воведена како заштитна мерка поради тарифите кои САД ги стави кон Европската унија и сега Унијата го заштитува својот пазар. Се што ќе биде над тие проценти, над тие дозволени тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Приближно штетата за македонската економија би изнесувала околу 100 милиони евра годишно“, изјави Османи.
За исполнувањето на критериумите за добивање датум за преговори во јуни, Османи вели дека Македонија направила голем напредок за спроведување на реформите. Тој се пофали дека досега од владиниот Планот 18, бил реализиран околу 66 отсто.
Османи информираше дека на почетокот во јануари ќе започне изградбата на автопатот од Скопје до Блаце кон границата со Косово.
Изградбата на автопатот ќе чини околу 110 милиони евра, а владата ќе финансира околу 1,9 километри, а за другите 10, ќе се земе кредит од европски фондови и банки.
Г. ТРПЕНОСКИ