„ФАМИЛИЈАРЕН СУМ СО 2 МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА И СРЕДНО БОГАТ, НЕМАМ НАМЕРА ДА БЕГАМ“, РЕЧЕ ВО АПЕЛАЦИЈА ОБВИНЕТИОТ ВО „ТРЕЗОР“ НЕБОЈША СТАЈКОВИЌ

    „ФАМИЛИЈАРЕН СУМ СО 2 МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА И СРЕДНО БОГАТ, НЕМАМ НАМЕРА ДА БЕГАМ“, РЕЧЕ ВО АПЕЛАЦИЈА ОБВИНЕТИОТ ВО „ТРЕЗОР“ НЕБОЈША СТАЈКОВИЌНебојша Стајковиќ од МВР (десно) поднел жалба со која си го бара пасошот назад, и е единствениот во случајот „Трезор“ на СЈО за кој Основниот суд Скопје 1 одреди мерка одземање на патната исправа (Фото: СДК.МК)

    Небојша Стајковиќ од МВР, единствениот во случајот „Трезор“ на СЈО за кој Основниот суд Скопје 1 одреди мерка одземање на патната исправа, поднел жалба со која си го бара пасошот назад. Одбраната на Стајковиќ рече дека обвинението против Стајковиќ било поднесено од неовластен орган, т.е. дека СЈО за овој случај било ненадлежно. Според неговиот адвокат, не се работи за кривично дело кое произлегува од незаконското следење на комуникациите.

    На 28 септември лани, СЈО отвори истрага за незаконско прибавување на 820 илјади евра од Сашо Мијалков, Горан Грујовски, Тони Јакимовски и против Небојша Стајковиќ, преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија. Големата сума пари од МВР, односно од државниот Буџет, легнала на сметката на фирмата „Финзи”, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште во април лани, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма. Крпач во времето кога бил застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство.

    „СЈО собра доволно докази за обвинението против Стајковиќ. Тој има два пасоша. Меѓународен судија е за ватерполо, често патува надвор од Македонија. Обвинетиот е суспендиран од МВР поради настаните на 27 април, што се околности за опасност од бегство”, рече обвинителот од СЈО Артан Ајро.

    „Не сум виновен за ова дело. Фамилијарен сум со 2 малолетни деца и средно богат. Немам намера да бегам. Службениот пасош има рок на траење и истечен ми е пред да ми биде поведена дисциплинска постапка во МВР”, додаде Стајковиќ.

    Седницата заврши, одлука дали пасошот на Стајковиќ ќе остане во судот, Апелација ќе донесе во текот на следните денови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира