ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО НАДГРАДУВА МОЈ ТЕРМИН СО РЕГИСТАР НА РЕТКИ БОЛЕСТИ И СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ БРЕМЕНОСТ

    ФИЛИПЧЕ ЌЕ ГО НАДГРАДУВА МОЈ ТЕРМИН СО РЕГИСТАР НА РЕТКИ БОЛЕСТИ И СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ БРЕМЕНОСТМинистерство за здравство вчера распиша тендер за надградба на електронскиот систем МојТермин во вредност од пет милиони денари.- Министерот за здравство д-р Венко Филипче

    Министерството за здравство вчера распиша тендер за надградба на националниот електронски здравствен систем МојТермин во вредност од пет милиони денари. Од Министерството објаснуваат дека со надградбата на системот ќе воведат нови функции и ќе го унапредат досегашниот систем.

    „Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин е комплексен систем, кој содржи над 20 меѓусебно интегрирани модули. Како еден од поголемите модули кој ќе се воведе со новата надградба на системот е воспоставување софтверско решение за Регистар на лица со ретки болести. Ова е клучна алатка за дефинирање на здравствени стандарди во клиничката практика, за утврдување на ефикасност на терапијата, како и за развој на научни и клинички истражувања“, велат од Министерство за здравство.

    Со надградбата на системот во МојТермин ќе се воведе и модулот за следење и исход на бременоста, односно со него ќе се воведе електронска евиденција на акушерска и гинеколошка историја на пациентките.

    „Со тоа ќе има можност за генерирање на перинатолошки извештаи, кои ќе се базираат на податоците евидентирани во целокупната историјата на новороденчињата. Новини се предвидени и во делот на интегрирање на податоците во медицинското досие на пациентот и воведување на резиме на пациент, кое ќе претставува приказ на важните податоци за пациентот, односно последни дијагнози од извештај на специјалист, последни примени лекови, алергии, крвна група“, велат од Министерство за здравство.

    Според здравствените власти со оваа евиденција при итни случаи или при редовен преглед лекарот кој го прегледува пациентот ќе може да добие основна слика за пациентот, односно за неговата историја на болести.

    Отворање на понудите на тендерот ќе биде на 14 февруари. МојТермин го користат околу 15 илјади корисници и над четири илјади здравствени установи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира