ГИ ОСУДУВАМ СИТЕ ОБИДИ ДА СЕ СТАВИ ДАМКА НА ВАКЦИНЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ГИ ОСУДУВАМ СИТЕ ОБИДИ ДА СЕ СТАВИ ДАМКА НА ВАКЦИНЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Ги осудувам сите овие обиди на опозицијата да го наруши угледот и да го загрози процесот на имунизација“, вели Филипче. (Фото: К. Попов)

    Ги отфрлам сите обвинувања кои ги има во дел од медиумите во врска со вакцините против ковид-19 и ги осудувам сите овие обиди да се стави дамка на овој важен процес за здравјето на граѓаните, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Италијанскиот весник „Ла Верита“ вчера објави дека Кина ѝ го вратила авансот на Македонија за кинеските вакцини, бидејќи „набавката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонгконг, која немала стабилни темели, но имала големи финансиски депозити во германската Дојче Банк“. Истиот весник денеска ги објавува, како што наведува „писмата од министерот за здравство Венко Филипче до ‘Синофарм’ за набавка на вакцини“.

    „Не станува збор ниту за нешто незаконско, ниту за провизии. Владата и Министерството за здравство при набавката на вакцините се раководат од два принципа, внимателност и регуларност. Ги осудувам сите овие обиди на опозицијата да го наруши угледот и да го загрози процесот на имунизација. Станува збор за компании кои нè убедиле дека може да стигнат до вакцините, за какви провизии, за какви фантомски фирми зборат кога парите се вратени. Апсолутно ги отфрлам сите обвинувања кои ги има во дел од медиумите. Жал ми е што сето тоа излегува во медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Филипче на прес-конференција во Министерството за здравство.

    Во едно од објавените писма е наведено дека државата ја презема одговорноста за несакани реакции од вакцините, и министерот денес кажа дека тоа е пракса за сите договори.

    „Ги разбираме производителите и свесни сме дека земаме голема одговорност, но тоа е нешто што треба да го направиме кога е во прашање здравјето на сите граѓани. Тоа е пракса буквално за сите вакцини“, додаде министерот.

    Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска одлучи да почне постапка на прибирање на податоци и информации за случајот со постапката за набавка на кинеските вакцини од „Синофарм“. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека во оваа ситуација треба да се вклучат и другите органи како Јавното обвинителство.

    „Не изненадија информациите дека постоел неорганизиран процес за набавка на вакцините, ризикот за корупција доаѓа на високо ниво. Се набавува од приватни фирми. Можеби најдобри биле намерите, но се нарушува довербата на граѓаните во институциите. Има работа и за Антикорупциска, но и за Обвинителството“, рече Ивановска во интервју за ТВ24.

    Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека Владата се обидувала да набави вакцини против ковид-19 и преку приватни фирми, но смета дека нема незаконски дејствија или лоши намери, туку само се користат сите можни канали за набавување на вакцини. За вратениот аванс од Кина, тој кажа дека кинеското Министерство за надворешни работи не ги прифатило нарачките направени преку приватни компании, додавајќи дека имале помош од „ПауерЧајна“, мајка-фирма на „Синохидро“, која што гради автопати во Македонија.

    „Јас кажав, ни помогна во целата нарачка ’ПауерЧајна‘, која што е мајка компанија на ’Синохидро‘ која што ги гради патиштата во Северна Македонија и друга кинеска фирма во моментов и не работи на инфраструктурата. Се обративме преку таа фирма, ’ПауерЧајна‘ е еден од кандидатите, еден од деветте кандидати што поминаа за Чебрен, џиновска компанија која е во државна сопственост на Кина и, покрај кинеската амбасада, вртењето телефони, се обидувавме и преку тоа што го имаме кинеско овде, а тоа е компанијата која работи овде“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање, за време на посетата на објект во изградба во Скопје.

    Заев кажа и дека на крајот се одлучило да се оди преку кинеската амбасада, односно преку кинеското МНР за да се реализира нарачката од 200.000 вакцини од „Синофарм“.

    „Нарачките што сме ги правеле, во конкретниот случај кон Кина, се со потврда и писма на ‘Синофарм’ и нормално со сите документации, регулирани како што се. Донесени се сите неопходни одлуки, но на крајот се одлучи дека треба да одиме преку кинеската амбасада, да одиме преку МНР на Кина за да може да се реализира нарачката од 200.000 вакцини. Во првиот случај имавме и потврда на Министерството за здравство на Кина, но сепак ги почитуваме дипломатските ставови на пријателска Кина и затоа нарачката е преку Амбасадата и МНР на Кина“, вели Заев.

    Премиерот вели дека како и во секоја земја, се прават напори да се набават вакцини и преку десетина приватни компани од Австрија, Велика Британија и од Америка, покрај официјалните контакти преку амбасадите.

    Заев завчера изјави дека земјава досега има платено 2.350.000 вакцини – 800.000 нарачани од „Фајзер“, 800.000 по „Ковакс механизмот“, 200.000 од „Синофарм“, 200.000 „спутник“ и дополнително од ЕУ околу 250.000 вакцини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира