ГРАДИНКИТЕ СЕ ОТВОРААТ НА 9 СЕПТЕМВРИ

    ГРАДИНКИТЕ СЕ ОТВОРААТ НА 9 СЕПТЕМВРИСпоред протоколот донесен на 29 мај, се предвидува за групите од 2 до 6 години да има најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 6 деца.(Фото: К.Попов)

    Градинките повторно ќе се отворат на 9 септември односно наредната среда по Денот на независноста, одлучи денеска Владата. На првата владина седница  е донесена одлука сите градинки до 9 септември да се подготват за почнување со работа и згрижување на деца.

    Владата им препорача на сите општини да обезбедат дополнителен простор или адаптираат соодветен простор за потребите на градинките доколку градинката според ковид протоколите нема доволно простории. Исто така општините треба да обезбедат и соодветен дополнител кадар за временски период до траењето на епидемијата со ковид-19 доколку градинката има потреба од тоа, за да може непречено да функционира.

    Според протоколот донесен на 29 мај, се предвидува за групите од 2 до 6 години да има најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 6 деца. На децата и на вработените при влез во градинката ќе им се мери температура, а вработените задолжително треба да носат маски. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини.

    Внатре во градинките престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите и на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира