Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов одби да ни одговори дали ќе си поднесе оставка по големата трагедија што се случи ноќеска кога во пожар во куќа-импровизирана дискотека, изгореа 51 лице на возраст од 14 до 25 години.
Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез. Таа е во улица со густо наредени куќи. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК кој ја даде дозволата за работа на дискотеката, тој кажа да се стрпиме, ќе каже сè на прес-конференција.
На дополнително прашање дали евентуално беше приведен и распрашуван, градоначалникот ни рече: „Не, еве сме тука со министерот, обвинителите“.
Го прашавме градоначалникот и дали ќе си поднесе оставка, замоли да не инсистираме со прашања, ќе има прес-конференција.
Градоначалникот на Кочани Папазов е избран на 8 номеври 2021 и кадар е на ВМРО-ДПМНЕ.
Во пожарот на концертот на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 51 лице, 152 се в болница, од кои 18 се во критична состојба. Загинатите се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, кажа денеска директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска. Директорката кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.
Според првичните информации, како што кажа соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
С. К. ДЕЛЕВСКА