ГРАЃАНИТЕ СМЕСТЕНИ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН НЕ СЕ ЗАКАНА ЗА НИКОГО, ОБЈЕКТИТЕ ГИ ОБЕЗБЕДУВА ПОЛИЦИЈА И ВОЈСКА, АПЕЛИРА ВЛАДАТА

    ГРАЃАНИТЕ СМЕСТЕНИ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН НЕ СЕ ЗАКАНА ЗА НИКОГО, ОБЈЕКТИТЕ ГИ ОБЕЗБЕДУВА ПОЛИЦИЈА И ВОЈСКА, АПЕЛИРА ВЛАДАТА„Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. - Центарот на Скопје. (Фото: К. Попов)

    Граѓаните сместени во државните карантински објекти заради спречување на ширење на коронавирусот не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската, соопшти Владата со апел до граѓаните на земјава да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за прифаќање на нашите државјани кои се најдоа во странски земји се по највисоки здравствени стандарди. Станува збор за обезбеден капацитет од 2.104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се 1082 легла.

    „Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи. Сите мерки што се преземени, за утврдување на локацијата и објектите за карантин, се направени исклучиво согласно препораките на Светската здравствена организација и врз сериозни и стручни анализи и проценки“, соопшти Владата.

    Апелот на Владата доаѓа откако синоќа битолчани реагираа поради сместувањето на 45 македонски државјани од Малта во државен карантин во хотел на Широк Сокак во строгиот центар на Битола. Битолчани, меѓу другото, реагираа и дека лицата во карантин кои се во изолација поради превенција ќе ги загрозат животите на вработените во хотелот и дека коронавирусот ќе се шири преку отворени прозорци, како и дека сега Битола ќе стане ново жариште во државата, а досега немаше ни еден заразен. Општина Битола, поради овие реакции, со соопштение истакна дека станува збор за сограѓани кои се во контролирана изолација и нема да претставуваат опасност за градот.

    „Целосно ја поддржуваме Општина Битола која повика на состојбата на солидарност, човечност, колективност какви што граѓаните на Битола секогаш покажувале. Наша заедничка мисија нека биде граѓаните сместени во објектот предвиден за државен карантин да ги поминат во мир 14-те денови во изолација, бидејќи тие не се таму по сопствена волја, туку исклучиво заради строгото спроведување на мерките кои се преземаат во нашата земја и во целиот свет за справување со пандемијата. Ова е време на солидарност. На секој граѓанин ќе му биде пружена соодветна помош од стручните здравствени работници. Тоа е одговорно однесување. Тоа е силен отпор против заканата“, соопшти Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира