ГРАЃАНИТЕ ЗА ДА ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕР ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ПРЕДАДАТ ПЕЧКИТЕ НА ДРВА НА КОИ СЕ ГРЕЕЛЕ

    ГРАЃАНИТЕ ЗА ДА ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕР ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ПРЕДАДАТ ПЕЧКИТЕ НА ДРВА НА КОИ СЕ ГРЕЕЛЕЗаменик-министерот за животна средина Јани Макрадули смета дека мерката за намалување на аерозагадувањето не е доцна донесена со оглед на тоа дека грејната сезона почнува на 15 октомври. - Јани Макрадули на владина седница (Фото: Влада)

    Граѓаните кои ќе користат субвенции од Владата за набавка на инвертери, ќе треба да ја предадат печката на дрва на која досега се грееле. Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули кажа дека на тој начин ќе се спречат евентуални злоупотреби, а дополнителни контроли ќе вршат Општините.

    „Секој граѓанин кој ќе сака да добие 100 отсто субвенција за замена на печката на дрво со инвертер, ќе потпише договор со Општината каде што живее и ќе се обврзе дека ќе го даде грејното тело кое го користи. Исто така со потпишување на договорот, ќе се обврзе дека ќе може да се изврши контрола да се провери дали го користи инвертерот односно дали се прави некоја злоупотреба. Во рамките на законското решени ќе бидат предвидени и санкции“, кажа Макрадули пред средбата во Владата со невладините организации за доставување на предлог мерки против аерозагадувањето.

    Во законското решение ќе бидат предвидени и стандардите односно инвертери без гаранција нема да бидат субвенционирани. Предност ќе имаат ранливите семејства и зоните од градовите кои се осетливи односно не се приклучени на топловодна мрежа.

    Макрадули смета дека мерката за намалување на аерозагадувањето не е доцна донесена со оглед на тоа дека грејната сезона почнува на 15 октомври.

    „На пример во скопско Лисиче во еден дом досегашниот систем на затоплување на дрва ќе биде заменет со два инвертери. Практично вредноста на тој систем би бил околу 1.000 евра. Но, одлуката за висината на субвенцијата ќе се дефинира кога ќе се донесе законското решение. Ова е добро решение. Ваква мерка била донесена во Данска каде се давале по 500 евра, во Германија по 1.000 евра. Во овој момент ист план за замена на печките кои загадуваат постои во Полска, Словачка, Чешка и Бугарија“, кажа Макрадули.

    Со ова мерка на Владата за намалување на аерозагадување ќе бидат опфатени жителите на Скопје, Битола, Тетово и Кичево.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира