ГРЧКАТА АМБАСАДОРКА СИ ЗАМИНА ОД ИНАУГУРАЦИЈАТА НА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ОТИ ТАА НЕ РЕЧЕ „СЕВЕРНА“

    ГРЧКАТА АМБАСАДОРКА СИ ЗАМИНА ОД ИНАУГУРАЦИЈАТА НА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ОТИ ТАА НЕ РЕЧЕ „СЕВЕРНА“По инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција, амбасадорката Софија Филипиду ја напушти салата, велат од грчката амбасада. (Фото: СДК.МК)

    Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала. Заминувањето е во знак на протест поради тоа што Силјановска-Давкова, при давањето свечена заклетва не го употреби уставното име на земјава Република Северна Македонија туку рече само Македонија. Силјановска-Давкова ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, исто како и на Уверението за Претседател на Република Северна Македонија кое вчера го прими во Државната изборна комисија (ДИК).

    Амбасадата на Грција во земјава го потврди потегот на Филипиду во изјава за „360 степени“.

    „По инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција, амбасадорката Софија Филипиду ја напушти салата“, велат од грчката амбасада.

    Филипиду, која седеше помеѓу американската амбасадорка Анџела Агелер и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп веднаш до излезот од галеријата во Собранието, при првото изоставување на уставното име стана и излезе среде заклетвата. Агелер, која беше до неа, се вртеше додека холандскиот амбасадор Коп на нечие прашање од дипломатски колега во галеријата ги креваше рацете и се вртеше кон вратата. Агелер потоа седна на местото на Филипиду.

    Силјановска-Давкова во изборната програма и во предизборните настапи наведуваше дека при обраќањата и именувањето на државата, нема да ја користи придавката „северна“.

    Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, завчера во интервју за грчката телевизија „Алфа“, кажа дека „со загриженост“ ги следи изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види „на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја“.

    „Сакам да бидам јасен. Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа, а особено со одредниците ‘македонска нација’ и ‘македонски јазик’. Но, го прифатив Договорот во рамките на континуитетот на државата и препознав дека, и покрај моето несогласување со Договорот, морам да го почитувам. Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Да бидеме трпеливи. Сакам да се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема да бидат официјална позиција на новата Влада постизборно, бидејќи ако се случи ова ќе имаме проблеми“, рече Мицотакис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира