ОД ОКТОМВРИ ДИРЕКТЕН ЛЕТ ОД СКОПЈЕ ДО САРАЕВО ТРИ ПАТИ НЕДЕЛНО

    ОД ОКТОМВРИ ДИРЕКТЕН ЛЕТ ОД СКОПЈЕ ДО САРАЕВО ТРИ ПАТИ НЕДЕЛНОЕјџиан“ ќе лета со авион од типот „ATR72-600“, три пати неделно, или секој понеделник, среда и петок.(Фото: СДК.МК)

    Грчката авиокомпанија „Ејџиан“ од 2 октомври ќе воведе нова авиолинија од Скопје до Сараево, соопшти ТАВ, компанијата што ги менаџира Скопскиот и Охридскиот аеродром. „Ејџиан“ ќе лета со авион од типот „ATR72-600“ на нивната регионална компанија „Олимпик“, три пати неделно, секој понеделник, среда и петок.

    Возбудени сме што можеме да објавиме и да им честитаме на ‘Ејџиан‘ за одлуката да воведат лет од Скопје до Сараево од октомври оваа година и да овозможат одлична регионална поврзаност, од Атина на југ, преку Скопје, до Сараево на северот на Балканот. Оваа авиоконекција во исто време претставува и значајно достигнување во нашата посветеност како аеродромски оператор за подобрување на опциите за авионски патувања за нашите ценети патници“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

    На резервациониот систем на „Ејџиан“ картите за Сараево уште не се ставени на продажба.

    Линија Скопје – Сараево во моментов не ја одржува ниту еден превозник. Се лета преку Истанбул, Загреб или Виена, со долги преседнувања. Последен пат директен лет од Скопје за Сараево имаше на почетокот на 1990-тите кога леташе македонската компанија „Палер Македонија“. Линијата беше прекината на почетокот на војната во Босна и Херцеговина во април 1992, кога со последните летови на „Палер Македонија“ беа евакуирани првите бегалци. Неколку години подоцна имаше обид да се обнови линијата со новата компанија „Ер сервис“, наследничка на „Палер“,  со мали авиони од типот џетстрим, но по неколку месеци и таа линија беше укината. Кусо време од Сараво, преку Подгорица за Скопје леташе и црногорската „Монтенегро ерлајнс’. 

    Грчки „Ејџиан“ во ноември 2018 година воведе редовна авиолинија од Скопје до Атина со турбопропелерски авион со капацитет од седумдесетина седишта. Во моментов, на релацијата Атина – Скопје се лета три пати неделно. 

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира