За премиерот Зоран Заев сведочењето на ексразузнавачот и сегашен владин советник Зоран Верушевски во предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, не го иззема од одговорност поранешниот шеф на УБК Сашо Милајков. Заев денес прашан како го коментира вчерашното сведочењето на неговиот советник Верушевски, во кое тој не го посочи Мијалков во операцијата на масовно прислушување, туку одговорноста ја префрли кај експремиерот Никола Груевски, одговори дека Мијалков во тоа време бил шеф на УБК и затоа мора да сноси одговорност.
„Професорот Верушевски е мој советник, јас сум голем пријател со него. Фактите како и да бидат кажани не ја менуваат нивната суштина и вистинитост. Токму во времето на Груевски се случуваше ваквата узурпација на човекови права, преку прислушување на 20.000 граѓани. Исто така, недвосмислен факт е дека шеф на државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и од тоа нема бегање. Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која Верушевски ја испрати во судскиот процес“, кажа Заев.
- НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЈА ИМА БАЗИЧНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЈА ДЕЛИ СО СТРАНСКИТЕ СЛУЖБИ, БОМБИТЕ НА СЈО СЕ МИНОРНИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“
- ВЕРУШЕВСКИ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ГИ ОБВИНИ НИКОЛА ГРУЕВСКИ И ГОРАН ГРУЈЕВСКИ, А ГО ОСЛОБОДИ МИЈАЛКОВ
Верушевски вчера сведочејќи на дополнителни пршања од СЈО во предметот „Тврдина-Таргет“ за нелегалното масовно прислушување, како првообвинет го стави Никола Груевски, втор бившиот началник на Петтата управа Горан Грујевски, а третообвинет според него е Никола Бошковски. Сите тројца се во бегство: Груевски во Унгарија, а останатите двајца се во Грција. Верушевски обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков воопшто не го спомна дека имал каква било вина за прислушувањето.
За наредното судско рочиште на 24 октомври, обвинителката Ленче Ристоска го повика да сведочи премиерот Заев.
А. АНТЕВСКА