Oткако е избран претседател на парламентот, сега конечно мора да се овозможи формирање нова влада, a Иванов мора да постапи согласно својата уставна одговорност, рече државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работ Михаел Рот во интервјуто за германското државни радио „Дојче веле“. Тој вели дека одговорна за оваа ескалација и за повеќемесечната блокада е поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и дека е „запрепастен и ужаснат од тоа како политичарите околу експремиерот Груевски секојдневно ја прокоцкуваат својата веродостојност“.
„Во Македонија во моментов сме сведоци на една тажна игра. Сметката на крајот мора да ја плаќаат граѓаните во Македонија. Никој не смее да се извлекува од демократските правила. Тоа особено важи за поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова е цинична игра за власт која се игра на грбот на граѓаните на Македонија. Тоа е апсолутно неприфатливо и ги охрабрувам сите одговорни, сега конечно повторно да ги почитува минималните стандарди на демократија и правна држава“, вели Рот и додава:„Господинот Груевски го потроши сиот кредит. Македонија, која некогаш беше пример за приближување кон ЕУ, од таа цел се оддалечува секојдневно. Довербата градена со години се прокоцкува. Со тоа им се нанесува голема штета на преговорите за влез во ЕУ“.
Рот вели дека Германија ги прифаќа и почитува изборите и изборниот резултат и дека мнозинство веќе постои.
„Тоа можеби на некои раководни луѓе во регионот, особено во Скопје, не им се допаѓа, но неприфатливо е преку противуставни блокади, со поддршка од страна на националистичка толпа, да се спречува демократски избор. Тоа е сосема недостојно за една демократија, особено за демократија која сака да стане членка на ЕУ. Опасноста која наводно произлегува од тиранска платформа, на што тие алудираат, е само изговор да се спречи промена на власта Целите на платформата за други македонски институции, како Уставниот суд, не се обврзувачки. И ВМРО-ДПМНЕ преговараше со ДУИ врз основа на оваа платформа!“, вели Рот.
И тој укажува дека евентуалните санкции за македонски политичари кои ги блокираат демократските процеси се отворан опција: „Во процесот на приближување кон ЕУ имаме низа лостови и стимули. Нив можеме и ќе ги употребиме. Во моментов во Македонија не е волјата на населението она што недостасува, туку се заканува неуспех поради една политичка елита која дејствува сосема неодговорно и која со тоа се заканува да ја прокоцка добрата иднина на Македонија“.
Рот вели дека е благодарен на САД што ѝ даваат поддршка на Европската Унија и нејзините членки во тоа сега да се испратат јасни сигнали за демократија и правна држава.
„Жално е што вакви сигнали од САД и ЕУ се неопходни, што избрани политичари во Македонија не се подготвени и немаат волја да се држат до демократските правила на игра“, вели тој.
Соработката на тој план меѓу САД, ЕУ и Берлин ја спомена и државниот секретар во Стејт департментот Хојт Ји за време на дводневната посета на Маедонија што заврши на 1 мај .
Ова е четврти пат за неполна недела високи германски државни функционери да испратат остра порака до ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски и претседателот Иванов поради блокирањето на парламентрното мнозинство да формира влада. На 29 април, два дена по организираниот напад на Собранието во Скопје , германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел во три наврати ја коментираше состојбата во Македонија, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Малта, Габриел рече дека е „недозволиво некој да ја задржува власта само затоа што има страв од истрагата на Специјалното јавно обвинителство за она што го правела владата. Тоа не е можно. Тоа е во спротивност од она што го бараме во Европа“. Тој ги предупреди оние политички сили во Македонија кои не сакаат да се одвојат од своите функции и покрај тоа што ги загубија изборите, дека не смеат да ѝ го блокираат патот на земјата кон ЕУ.